Мицотакис до Абас: Хамас е терористичка организација и не го претставува палестинскиот народ


Позициите дека Грција поддржува политичко решение за две држави, но и дека Хамас е терористичка организација и не го претставува палестинскиот народ, му ги изразил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на претседателот на палестинската управа Махмуд Абас во денешниот телефонски разговор, јави дописничката на МИА од Атина. 

Мицотакис, како што информираа од неговиот кабинет, изразил загриженост за ситуацијата во Појасот Газа и ја истакнал потребата од стабилен проток на хуманитарна помош.

-Премиерот ја повтори пораката што ја упати и на Самитот за мир во Каиро за осудата на терористичките напади од 7 октомври и ставот на Грција дека Хамас е терористичка организација и не го претставува палестинскиот народ.

Премиерот подвлече дека единствен правен застапник на палестинскиот народ е палестинската управа, информираа од кабинетот на Мицотакис. 

Грчкиот премиер ја истакнал и долгогодишната поддршка на Грција за решението за две држави, потенцирајќи дека „само политичкото решение на оваа основа може да гарантира мир меѓу Израелците и Палестинците и стабилност во регионот“.