Мицковски предлага предметите до 30 јуни 2017 година да ги преземе државниот јавен обвинител


Државниот јавен обвинител да ги преземе сите предмети од СЈО покренати на ниво на обвинение до 30 јуни 2017 година, а не обвинителот кој треба да раководи со новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски во интервју што вечерва беше емитувано на телевизија „Сител“.

– Државниот јавен обвинител да ги преземе во фаза во која што се – дали се во фаза на разгледување докази, распит на сведоци, завршни зборови, жалби пред Апелација итн и согласно препораките на експертската јавност, тие процеси да ги распредели на обвинителствата таму каде што припаѓаат, рече Мицкоски.

Според него, со предложеното законско решение за јавно обвинителство е предвидено специјалниот јавен обвинител да се префрли во новото обвинителство.

– Катица Јанева даде оставка од позицијата специјален јавен обвинител, но со овој закон е предвидено таа да се префрли во републичкото јавно обвинителство, а останатите обвинители кои што и помагаат на Катица Јанева  без разлика дали и тие кои индиректно учествувале во процесот „Рекет“, треба да бидат превземени во рамки на новото обвинителство за организиран криминал и корупција, вели Мицкоски.

Според него, обвинителите на СЈО не треба да се префрлат во новото Обвинителство, туку да се вратат во обвинителствата од кои што дошле.