Мицковски по средбата со Пендаровски: Не бараме амнестија, бараме правда (ВИДЕО)


Мојот став е дека ако има нови докази може да се отвори повторно процесот, но тоа не значи дека заговарам отворање на процесот, рече претседателот Пендаровски, практично ретерирајќи комплетно од ставовите претходно изнесени во интервјуто што предизвика реакции во јавноста

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по контроверзната средба со претседателот Стево Пендаровски, порача дека не дошол тука да моли и да бара амнестија, туку да бара правда. 

„Наидов на разбирање од претседателот Пендаровски дека она кое што е реалност поврзано со настаните од 27-ми април е тоа што основното човеково и уставно загарантирано право на жалба и второстепена судска одлука на лицата кои се осудени во моментот е завршено и, за жал, најголем дел од нив ја немаат добиено одлуката за да можат да искористат вонреден правен лек и врз основа на новите информации кои ги имаат адвокатските тимови, да се обратат до Врховниот суд или до Европскиот суд за човекови права“, рече тој.

Мицкоски порача власта да ги тргне рацете од судиите и обвинителите за тие да судат според закон и Устав.

„Тоа што јас го барам и го кажав на оваа средба не е милост и амнестија, туку правда преку дополнителни докази кои бранителите на овие лица ќе можат да ги достават до Врховниот суд или до Европскиот суд за човекови права. Не постои основа овие луѓе да бидат обвинети за терористичко однесување или терористички напад на уставниот поредок на државата“, истакна Мицкоски. Тој најави дека со Пендаровски се договориле вакви средби да одржуваат и натаму околу крупни теми потврдувајќи дека практично го одмрзнале дијалогот.

На прашањето што прави тука, ако вели дека политичарите не треба да се мешаат во судски одлуки, Мицкоски рече дека како политичари треба да се грижат граѓаните да имаат правда и дека тој „никогаш нема да престане да се бори за безусловна правда за сите граѓани“ без оглед на политичка етничка или друга припадност „до последна капка крв“, без оглед дали се работи за Саздо или за малиот Алмир.

Според него, од Пендаровски барал правда бидејќи пресудите на обвинетите за 27 април се драконски и, ако можело за случајот „Сопот“, уште повеќе за случајот „Монструм“ по една изјава на Заев да се повтори процесот, не гледа причина зошто и овие „таканаречени терористи не можат врз основа на нови докази да докажат дека не се терористи“. Тој тврдеше дека за тоа наишол на разбирање кај Пендаровски, иако претседателот се насмеа на таквата забелешка. Како главен аргумент зошто треба да се случи тоа тој се повика на непостапувањето на службите при насилниот упад. 

Претседателот Пендаровски, пак, ја отфрли можноста дека денес тука имало обид да се договара ревизија на судскиот процес тврдејќи дека, кога го споменал отворањето нов судски процес, се повикувал само на законска можност. Тој оцени дека осудените за 27 април не се судени за кривично дело тероризам туку за терористичко загрозување на уставниот поредок, нагласувајќи дека казните што ги добија ги заслужија. Тој притоа спомена дека има пресуда и за тие што го претепаа Зијадин Села, кои исто така добија високи казни, а не беа судени за тероризам туку за обид за убиство, порачувајќи дека тие направија страшни кривични дела, си ги заслужија казните и тука не може да има компромис. Она што е според него е проблем е политичката реторика во која тие пресуди беа врамувани и толкувани и која го продолабочува јазот, бидејќи според едните тие се терористи како Ал Каеда, според другите тие се уставобранители.

„Ако продолжиме со оваа реторика нема да дојде до национално помирување и нема да дојде до базична комуникација меѓу нас“, порача Пендаровски илустрирајќи го тоа со фактот каков публицитет доби оваа средба која би требало да е вообичаена. 

„Со оваа теза не правам ревизија на судската пресуда. Мојот став е дека ако има нови докази што не биле познати, може да се отвори повторно процесот, но тоа не значи дека заговарам отворање на процесот, само ја цитирам законската можност. Одлуката дали процесот ќе биде повторен нема да ја носи некој политички  фактор туку судот. Ја разбирам потребата за драматизирање и за патетика кај мал дел од медиумите дека на денешната средба ќе се направи обид да се ревидира судскиот процес и од неа ќе се врши притисок врз судот, и тоа замислете од јавна средба во кабинет на претседател на државата“, рече претседателот, практично ретерирајќи комплетно од ставовите претходно изнесени во интервјуто што предизвика реакции во јавноста. Според него и според Мицковски испаѓа дека главен проблем е што пресудата што е донесена не е испратена на осудените и тие не можат да покренат постапки на повисоки нивоа, иако била готова уште од февруари.