Мицковски најавува процес против Заев по 15 јули


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со Игор Јанушев носител на Изборната единица 3 денеска ја посетија Општина Зрновци, од каде порача дека треба голема победа за ВМРО-ДПМНЕ, за како што рече, да нема уцени или закани, за да нема притисоци, пазарења и трговија.

„Голема победа за многу повеќе за земјоделците отколку за неранимајковците. За да имаме силна економија. За реконструкција на медицински установи, болници, училишта, училишни спортски сали, културни домови, асфалтирани патишта. Голема победа ни е потребна за да си ги вратиме децата дома. Чуму таква држава ако ни е празна“, рече Мицкоски.

Тој подвлече дека им оставиле проект на СДСМ, обезбедени средства, договор потпишан, но како што рече, три години не можеле да го завршат експресниот пат од Штип до Кочани.

„Од СДСМ и Беса ќе слушнете сѐ само не дека можат да направат повеќе за Mакедонецот. Прашањето е што направија три години. Еве јас ќе ви кажам дополнително стотици илјади луѓе ја напуштија Македонија. Ги броеја ‘Луј Витон’ ташните и куферите, носеа трас-трас судски одлуки едни за да се пресметаат со политичкиот противник, а другите за да се амнестираат себеси. Ќе ве потсетам, може сме заборавиле за она ‘eвро за батето’“. После 15 јули повторно ќе ја отвориме“, истакна Мицкоски.

Генералниот секретар, Игор Јанушев и носител на изборната единица 3 денеска во Зрновци истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на редовна исплата на субвенциите, на олеснет пристап до ИПАРД фондовите и поддршка на инвестиции за воведување на систем „капка по капка“.

Тој упати апел до граѓаните да се придржуваат до пропишаните мерки со цел да го сочуваат сопственото здравје и здравјето на нивните најблиски.

Како што рече, важно е да се гласа на 15 јули, за да се казнат сите погубни политики на СДСМ и Заев.

Јанушев од Зрновци порача дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на многу работа и дека се обврзуваат дека ќе работат за повисоки плати за 25% или за 6.500 денари повеќе за сите, повисоки пензии за 20% или повеќе од 3000 денари повеќе за секој пензионер, намалување на невработеноста под 10%, исто така огромен акцент да се стави во образованието затоа што сметаат дека преку мотивиран наставен кадар можеме да се подобри образованието.

-Но она што е најбитно за граѓаните кои живеат во Зрновци и Чешиново-Облешево и во кочанско се обврзуваме на редовна исплата на субвенциите, на олеснет пристап до ИПАРД фондовите, поддршка на инвестиции за воведување на систем „капка по капка“ и други системи за ефикасно и економично користење на водата, за овчарството ќе биде зголемена поддршката на основната мерка за 50%, односно од сегашните 1000 денари по грло ќе се исплаќа по 1500 денари по грло, рече Јанушев.

На митингот во Виница Мицкоски истакна дека во проектот Обнова ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на термоенергетски фасади за граѓаните кои што половина ќе ги плати државата, бесплатен приклучок за гас за секое семејство за поздрава животна средина, но и најмалку 640 милиони евра субвенции за земјоделците во еден мандат и загарантиран откуп.

– Ќе има за секого по нешто. Реновирана болница, културен дом, училишта, еден денар во културата најмалку 800 милиони денари годишно од оние три денари акциза која што ги наметна оваа репресионистичка власт ќе бидат наменети за културата. 800 милиони денари за образованието 800 милиони денари годишно за спортот 2,5 милијарди денари за ова свето тројство образование наука и спорт годишно. Не парите во буџетот, а потоа во тендерите во четири очи. Во овие 360 страници ќе наидете на многу реконструирани канали за наводнување на нашите ниви, но и ќе наидете на нешто што ќе го врати нашето достоинство, изјави Мицкоски.

Додаде дека токму затоа по 15 јули ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже како може за само шест месеци за секој за кој што постои основано сомнение за криминал, дали бил дел од СДСМ, дали бил дел од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса политички определен или неопределен да ја дочека правдата пред сопствената врата.

– Јас ви ветувам правда без исклучок почитување на законите, заврши времето на политичките деспоти. Нема да биде политичар привилегирана каста. Помина времето на политички мочуришта и неуспеси. Доаѓа времето кога Македонија се исправа. Доста беше чувството на граѓани од втор ред. Ќе има минимум 25 проценти поголема плата во еден четиригодишен мандат ќе има минимум 20 отсто повисоки пензии за пензионерите, минимум 1 000 километри локални и регионални реконструирани патни правци, изјави Мицкоски.