Мицковски: Крајот е блиску и тој ќе се случи на 12 април


Победата ќе биде на сите млади, против оние кои сакаат да ја замолчат бунтовноста. Очекувам од младите на изборите да бидат свои, тоа што се и тоа што сакаат да бидат, ова ќе биде победа против оние кои сакаат бунтовноста денес да ја замолчат. Ова ќе биде победа на жедните за правда, оние кои копнеат за сигурност, и оние кои си ветуваат себе си, дека нема да потрошат уште макар еден ден загубен овде, во сивилото наталажувано со децении и политиканството градено со години Да рушите бариери, да бидете обновата која ќе ја донесеме. УМС на ВМРО-ДПМНЕ ја има слободата, а секој од вас го има мојот збор дека ќе ви бидам најголем поддржувач на вашите идеи. Немаме уште една генерација да си замине од државата, рече Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ на годишната конференција на партиската Унија на млади сили.

Тој ја обвини СДСМ дека им ја крадат иднината на младите, но и дека власта ја гледаат како начин на богатење.

„Затоа што Македонија одамна го нема тој луксуз да загуби уште една генерација која ќе се исели. Повеќето села оддамна се празни, а сега градовите се празнат, а генерациите си заминуваат. Иселувањето не е како калемење на растение, туку тоа е како да го откорнете од родната грутка и го пресадите таму некаде далеку, на друга почва и во други услови. Колку и да боли, колку да пече, ова е реалноста во Македонија. Можете на двете раце да наброите имиња од ваши врсници, луѓе од вашата генерација, вашето семејство кое се иселиле. Македонија останува празна, а господари на она што малку преостанува се оние кои мислат дека власта е нешто што природно им припаѓа, па така опиени од нејзе гледаат на функциите единствено како средство за богатење, наместо место од кое теба да им слугуваат на граѓаните. И сиот тој гнев кој го чуствува секој еден човек во земјата е десетпати поголем кај младиот човек, кај студентите, средношколците, тинејџерите кои гледаат дека некој им ја краде слободата, државата, а со тоа им ја краде иднината. А иднината им припаѓа, на кој друга, ако не на вам, младите“, истакна Мицковски, кој најави крај за оваа влада на следните избори.

„Крајот е близу и тој се вика 12 април лето господово 2020 година. Младите се на обнова, го знам тоа како што знам дека 12 април е крај на една неславна ера на политичари. Тоа е победа над системот кој силно ја гуши слободата. Тоа ќе биде победа не моја, туку ваша, победа на народот, на секој еден кој е несреќен“, рече Мицкоски.

За владата, рече дека се без визија, идеологија или кауза. Премиерот според него, го пресликал владеењето во Струмица на државно ниво.

„Погледнете го случајот „Рекет“. Она што Заев го правеше во Стурмица, сега сака да го направи во Македонија. Ако порано крчмеа буџет од 4 милиони евра во Струмица, сега прават буџет од 4 милијарди евра во Македонија. Заеви станаа најбогатото семејство во Европа, а Македонија најсиромашна држава“, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, премиерот ветувал се пред избори, а недостасувало уште бесмртност да ветел.

„Власта не може да купи чест, достоинство или доверба со некој денар задоцнети пари, кои сакаат овие да му ги дадат, а му следуваат. Треба да се биде реален, да се каже дека имаме премиер кој не се срами да носи порази. Среде Скопје им се случи чернобил и пробаа да го сокријат“, додаде Мицкоски.

Лидерот на опозицијата обвини дека претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев зборувал исто како партијата на власт, а блиско размислување имале и обвинителката Влима Русковска и судијката Добрила Кацарска.