Мицкоски ќе го разреши советникот што вперил пушка во соседот


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски  одговарајќи на новинарско прашање за советникот во неговиот кабинет Томислав Димитровски кој беше вмешан во инцидент рече дека ќе побара разрешување.

„Правдата не треба ние да ја земаме во свои раце. Има органи во државата кои што треба таа правда, нормално, да ја реализираат. И, доколку некој се чувствува нападна, навреден комотно може да се јави и да побара заштита од Министерството за внатрешни работи. Така што, и покрај тоа што станува за човек кој што го познавам од детството, човек кој што навистина има квалитети и човечки, но и дипломатски, но, ова кое што се случило е без никакво оправдување и веќе на следната седница на Извршниот Комитет, ќе побарам негово разрешување од таму каде што се наоѓа во моментов“, рече Мицкоски.

Деновиве Министерството за внатрешни работи соопшти дека поранешниот амбасадор во Љубљана, Димитровски репетирал пушка и ја вперил кон сосед, за време на расправија во зграда на улицата „Тодор Александров“ во Скопје. Случајот, според МВР, го пријавил неговиот сосед.