Мицковски до власта: Имате пријател во нас


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски испрати , како што го наслови, отворено писмо во медиумите кое го објаснува со црниот биланс со заразени со вирусот корона кој е најголем од почетокот на оваа пандемија во Македонија.

– Вирусот не е шега, туку заедничка нова битка на Македонија која мора заедно да ја победиме. Ова отворено писмо, будење на свеста, значи подадена рака. Сакам да потенцирам дека во нас имате пријател, а заедничкиот непријател кој мора да го победиме е пандемијата која одзема животи.

И оттука сосема совесно и разумно како човек, но и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ имам колективна одговорност да посочам на работите кои мора да бидат подобри, зошто ако не се, тогаш ќе губиме животи. Стравот кај мене е поради тоа што имаме сериозни слабости во системот кој мора да си признаеме дека потфрла во време кога мора хируршки прецизно да функционира, вели Мицкоски во отворемото писмо.

Според него, сликата на министерот со медицински голорак и незаштитен здравствен тим е сликата за македонското здравство и начинот на кој се работи во Македонија.

-Докторите се пуштени да се справуваат со пандемија незаштитени, небезбедни, под ризик за својот живот ама пр-от на министерот е важен, а стикерите на Филипче во стилот на супермен поважни. Филипче е далеку од супермен, можеби бизнисмен, ама повеќе е портпарол во време кога треба да биде само министер. Одбивам да ја сведувам дебатата на ова ниво и затоа ќе порачам баталете го пр-от, ова не е мегдан за тоа ќе има време кога ќе се мериме и во тоа поле. Сега мораме да покажеме поголема одговорност од се што било досега. Затоа неопходно е како општество да се мобилизираме, да се преземат итни и драстични мерки што побрзо и без одлагање. Се губи контролата над состојбите затоа што секојдневно се отвораат нови жаришта на вирусот. Болниците кои се на располагање се недоволни, а капацитети слаби. При тоа тука не страдаат само болните од корона, туку и оние болни од други болести кои нема да добијат навремена помош заради презафатеноста со справувањето со актуелната пандемија. Неретки се случаите да не добиете помош поради тоа што системот е блокиран. Оттука мора заеднички и силно да се фокусираме кон драстични мерки. Секој ден поминат без нив, ќе значи повеќе животи кои ќе се загубат“, порачува Мицкоски.

Според него, потребно е воведување на построг полициски час, најмалку од 18 часот за да има суштина со него и за да се направи ред.

-Мора за миг да се испразнат улиците за да се скенира состојбата. Мора да се има протокол на правење на тестови за сомнителни од корона вирусот и тие да бидат целосно бесплатни во државното и приватното здравство. Да се удвојат капацитетите за проверка. Сега владее потполн хаос каде граѓаните велат дека приватните тестови имаат поголема веродостојност затоа што државните институции ги кријат заболените. Затоа треба да се делува во отстранување на тие сомнежи, тврди Мицкоски.

Тој изразува загриженост и за економската рецесија која ни престои.

-Државата оди по самиот раб. Илјадници луѓе престануваат да одат на работата, а штетите се поголеми од ноншалантниот однос на владата. Оние мерки кои ги соопшти Заев се далеку од доволни, пишува тој во отвореното писмо, повторувајќи ги мерките што ВМРО-ДПМНЕ неколку дена ги промовира во јавноста, натпреварувајќи се со Владата кој повеќе ќе понуди на бизнис секторот и кој построги мерки ќе предложи. Меѓудругото тој побара да се скратат привилегиите на функционерите без да каже кои.

-Да почнеме со штедење не од работниот народ, туку од привилегиите на властодршците, со личен пример, вели Мицкоски, во нов вид на популизам околу корона вирусот.На крајот Мицкоски порачува:

-И сакам нешто да истакнам до Заев и Спасовски, независно што јас и ВМРО-ДПМНЕ ги предлагаме овие мерки, прифатете ги што побрзо, прифатете ги за доброто на државата и сите наши граѓани. Прифатете ги, а јас ќе се откажам од сите политички ловорики кои вам ќе ви ги отстапам. Мене таква слава не ми треба, само прифатете ги и дејствувајте итно. На граѓаните и Македонија и треба помош и лидерство.Мојот помал син утрово ме праша тато одново некоја битка, му одговорив, нашата никогаш не престанала овој пат не знам оваа колку долго ќе трае ама знам дека ќе победиме. Заедно сигурно ќе победиме, затоа што ја сакаме Македонија.