Мицкоски знае дека граѓаните не сакаат избори, но нема да бега ако другите бараат


Граѓаните не сакаат избори, туку реформи и континуитет на процесите што ги води оваа Влада, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање поврзано со барањата за предвремени избори. Тој вели дека перформансите на оваа влада се 3:1, споредено со претходната, но тврди дека не бега од избори.

„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме влада четири години, но доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира дека ние како кукавици нема да седиме настрана, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме“, рече Мицкоски пред почетокот на Амбасадорскиот совет.

Во однос на тoa дали уставните измени со одложено дејство се вратени на маса за надминување на спорот со Бугарија и дали по одморите ќе има разговори со опозицијата за надминување на застојот во Собранието со Бадентеровото мнозинство, Мицкоски вели:

„Политиката се темели на разговори, јас сум од оние политичари кои сакаат да разговараат додека не се постигне решение. И во првиот и во вториот случај ние ќе продолжиме да разговараме. Се разбира, ние знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ние ќе се обидеме да го изнајдеме решението и за првото прашање и за второто“.

Во однос на изјавата на Румен Радев дека го поддржува проширувањето на Европската Унија, но бара исполнување на преземените обврски и заштита на Бугарите во Македонија, премиерот посочи дека Уставот нуди сериозна заштита на сите граѓани.

„Нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита на сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница. И тоа не го зборувам само јас, тоа го зборува и, еве, да речеме, Советот на Европа, којшто ги третира човековите права и затоа и мониторинг и постмониторинг-мисијата ја прекина во земјава, што значи дека човековите права на сите заедници се гарантирани со нашиот Устав.

Сега тука доаѓаме до втората тема, а тоа е што правиме со македонската заедница од другата страна на границата, имајќи предвид дека Бугарија има ратифицирано некоја друга влада, не оваа на господинот Радев, дека ќе ги почитува човековите права, а од друга страна континуирано избегнува да ги регистрира здруженијата на македонската заедница во Бугарија, како што е случајот со ОМО ‘Илинден’ – Пирин и покрај тоа што имаме дузина пресуди од страна на Судот за човекови права во Стразбур. Партнери треба така да разговараат, партнерски, искрено, соседи исто така треба така да разговараат и јас сум подготвен секогаш да разговарам на оваа тема“, кажа Мицкоски.

Тој вели дека досега не е иницирана средба на кое било ниво.

„Јас сум подготвен во кој било момент да разговарам, но средба колку да биде само средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење – ниту на своето ниту на неговото време. Очекувам дека дипломатските обиди да се изнајде решение претходно ќе ги доближи позициите на двете страни, па ако има можност за такво доближување, тогаш апсолутно сум подготвен“,рече тој.

Премиерот Христијан Мицкоски повторно ја отвори можноста за предвремени парламентарни избори, овојпат со порака дека владејачката коалиција позитивно ќе одговори доколку такво барање дојде од опозицијата. Изјавата е уште еден сигнал во низата настапи во последните месеци во кои Мицкоски, иако формално останува на ставот за редовни избори во 2028 година, сè почесто зборува за подготвеност за предвремено гласање.

„Доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, ние како кукавици нема да седиме на страна, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и, се разбира, дека ќе ги победиме“, изјави Мицкоски.

Истовремено, тој рече дека граѓаните во моментов не сакаат избори, туку реформи и континуитет на процесите што ги води Владата. Според Мицкоски, коалицијата има легитимитет за четиригодишен мандат.

Во февруари Мицкоски тврдеше дека нема да има предвремени парламентарни избори додека граѓаните не покажат дека ги сакаат. Во мај беше уште поконкретен, велејќи дека во 2026 година нема да има избори и дека Владата е насочена кон реформи и консолидација. Тогаш, сепак, веќе ја остави отворена можноста изборите да се одржат во 2027 година.Во јуни тонот дополнително се промени. Мицкоски рече дека со влегувањето во втората половина од мандатот е „политички мудро“ власта да биде подготвена за сите сценарија, иако повторно го посочи 2028 година како префериран термин.

„Ние сме кажале дека наша опција, која ја преферираме како Влада, е редовни избори во 2028 година. Но, сме подготвени секогаш, како политичка партија, доколку тоа опозицијата го бара, да излеземе на терен и повторно да победиме“, изјави тогаш Мицкоски.

Во меѓувреме, дополнителна политичка тежина на темата даде и Фатмир Лимани, кој во јули јавно го спомена 18 април 2027 година како можен датум за предвремени парламентарни избори. Официјална одлука или договор за таков термин нема.

СДСМ уште минатиот месец тврдеше дека Владата се подготвува за предвремени избори, повикувајќи се токму на зачестените пораки од власта и на изјавата на Лимани. Тврдењата на опозицијата дека причините се економската состојба и рејтингот на власта се партиски оценки и не се независно потврдени.

Засега Мицкоски не најавува конкретен изборен датум. Но, од категоричното „годинава нема избори“ во мај, преку „подготвени сме за сите сценарија“ во јуни, до денешната порака дека позитивно ќе одговори ако опозицијата побара предвремено гласање, можноста за избори пред редовниот термин во 2028 година останува отворена.