Нова аудио „бомба“ – Мицкоски: Жртви се, а се заљубуваат во Заев


Во најновата снимка објавена на Јутјуб лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му се жали на Зоран Милески-Кичеец, еден од осудените во „Рекет“, дека тој се бори да не поминат СЈО и предметот „Империја“, а „жртвите“, како што вели, имаат Стокхолмски синдром и се вљубуваат во лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Поконкретно, Мицкоски се жали на однесувањето на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, кој е меѓу осомничените во предметот „Империја“ кој го отвори СЈО, покрај бизнисменот Орце Камчев. Мицкоски посочува дека Мијалков го плукал, дека правел театри „преку некои негови испрдоци од типот на Героски, Сашо Ордановски и слични“ и дека му пишувал писма (тогаш Мијалков беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ поради наводна логистика за време на референдумот за името).

„Јас за ова зборувам повеќе за Сашовци-машовци. Сега он пишуваше писма, фејсбуци, ме плукаше, правеше театар за јавноста преку некои негови испрдоци од типот на Геровки и слични, Сашо Ордановски… И сега, јас се борам ваквото СЈО да не помине, автоматски неговиот најголем предмет тоа е ‘Империја’…“, вели Христијан Мицкоски.

Во вториот објавен разговор, најверојатно зборувајќи за преговорите што се водеа меѓу партиите за новиот Закон за јавно обвинителство, Мицкоски посочува дека ставовите на опозицијата се принципиелни, а дека тој е единствениот што се бори за сите случаи. На тоа Кичеец му одговара: „Кај вас се сите џокери“.

„Да, ама ова изгледа малку мазохистички. Ем те тепаат ем имаат очекувања од мене. Се вљубија во Зоран Заев. Сега тој е добриот, а тој сака ова вака да помине за и понатаму да ги уценува, а јас што се борам за нив, против нив, ме тепаат“, одговара Мицкоски.