Мицкоски застана во првиот ред – против Украина!

Премиерот застана зад резолуцијата на САД во која воената агресија на Русија е сведена на - конфликт. Коспонзори се Македонија, Унгарија, Грузија и Израел


 

Премиерот Христијан Мицкоски потврди денес дека Македонија е коспонзор на резолуцијата што ја поднесоа САД во Генералното собрание на ОН, со која се бара брз крај на воениот судир меѓу Русија и Украина и зад која застанаа малцинство земји, бидејќи место окупација или воена агресија ја сведува војната на „конфликт“. Потоа, не бара повлекување на руските војници од украинска територија и не бара гаранции за територијалниот интегритет на Украина.

Ваквата резолуција е реакција на претходната резолуција од Украина зад која застана ЕУ, така што Мицкоски ја постави Македонија контра позицијата на Брисел, односно ја напушти 100-процентната усогласеност со надворешната политика на ЕУ. За таа политика, инаку, примавме многу фалби досега и тоа беше една од ретките области во која покажувавме успех во извештајот на Европската унија.

Како што се изрази Мицкоски самиот, сега застана во прв ред зад САД – против Украина и ЕУ!

Притоа, куриозитет е дека Македонија сѐ уште стои на документот на ОН како коспонзор на резолуцијата на Украина, а не на САД, што значи дека Мицкоски фасциниран од собирот на кој со овации беше поздравен фашистичкиот поздрав на Стив Бенон, ја сменил страната.

„Одлучивме да бидеме коспонзори на Резолуцијата која ја поднесуваат САД во ОН. Очекувам истата да биде поддржана од мнозинството на ОН“, рече Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање.

Тој беше дециден дека од САД, каде на чело е Доналд Трамп и контактите таму – Македонија не може да изгуби.

„Со контактите кои ги имаме од најблискиот периметар на Трамп можеме само да добиеме, не и да изгубиме. Билатералниот спор со источниот сосед е спор кој генерално нема никаква врска со вредностите на 21. век. Ценам дека треба час поскоро ние како држава и формално да ги отпочнеме преговорите со ЕУ, коишто се дел од овој билатерален спор“, рече Мицкоски, како најнова илустрација за познатата реченица како „мали Ѓокица ја замислува надворешната политика“. Односно водиш политика против политиката на ЕУ за да влезеш во Унијата. 

За двете резолуции, украинската и американската, ќе се гласа денес наутро по локално време во Генералното собрание на ОН, а за американската и попладне во Советот за безбедност, пред брифингот на високо ниво за Украина по повод тригодишнината од руската инвазија на 24 февруари 2022 година. 

Нацрт-резолуцијата предложена од САД  е краток текст кој жали за „трагичната загуба на животи низ конфликтот на Руската  Федерација и Украина“ и повторува дека „основната цел на ОН е одржување на меѓународниот мир и безбедност и мирно решавање на споровите“. Содржи само еден оперативен параграф, кој повикува на траен мир меѓу Русија и Украина и бара брз крај на конфликтот. САД го ставија својот нацрт-текст директно во сина боја на 21 февруари, без претходни консултации со членовите на Советот за безбедност.

Она што е контроверзно пред сѐ е дека во него стои зборот „конфликт“ за руската агресија, не се гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и не се бара повлекување на руските војници од територијата на земјата, т.е. се глуми неутралност за да се отвори пат за мировен договор. 

Доколку биде усвоена, ова ќе биде прва резолуција на Советот за безбедност за Украина откако Русија ја започна својата инвазија на земјата.

САД претходно вршеа притисок врз Украина да ја повлече резолуцијата поддржана од Европа, со која се бара итно повлекување на руските сили од Украина во корист на американскиот предлог кој не ја споменува инвазијата на Москва, но Киев го одби тоа. Резолуциите ја нагласуваат тензијата меѓу САД, Украина и европските земји во петте недели откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата и почна разговори со Русија по долгогодишна изолација во обид да стави крај на војната. 

 

Во украинската резолуција, поддржана од земјите-членки на ЕУ, и насловена како „Унапредување на сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, се повикува на деескалација, предвремен прекин на непријателствата и мирно решавање на војната во Украина. Во неа се потврдува посветеноста на суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и се повторува барањето Русија веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од Украина.

Во моментот на пишување, нацрт-резолуцијата имаше 57 коспонзори, додека нацрт-резолуцијата на САД за Генералното собрание беше коспонзорирана, покрај од Македонија, и покрај Израел, од Грузија и Унгарија, т.е. руски политички сателити.

Во меѓувреме, земјите-членки на ЕУ предложија три амандмани на нацрт-текстот за Генералното собрание од САД, базирајќи се на претходно договорениот јазик. Тие вклучуваат замена на „руско-украинскиот конфликт“ со „целосна инвазија на Украина од страна на Руската Федерација“; вметнување преамбуларен параграф со кој се потврдува посветеноста на Советот на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници, вклучувајќи ги и нејзините територијални води; и додавање јазик во оперативниот став за да се осигура дека Советот повикува на „праведен, траен и сеопфатен“ мир во согласност со Повелбата на ОН и принципите на суверена еднаквост и територијален интегритет. Се чини дека нацрт-резолуцијата подготвена од Украина и земјите-членки на ЕУ ќе ја добие потребната поддршка за усвојување.

Генералното собрание стана најважното тело на ОН за Украина бидејќи Советот за безбедност, кој е задолжен за одржување на меѓународниот мир и безбедност, е парализиран поради правото на вето на Русија. Во Генералното собрание нема вето, а неговите гласови внимателно се следат како барометар на светското мислење. Сепак, неговите резолуции не се правно обврзувачки, за разлика од оние усвоени од Советот за безбедност.

Откако руските сили ја преминаа границата со Украина на 24 февруари 2022 година, Генералното собрание усвои половина дузина резолуции со кои се осудува војната и се бара итно повлекување на руските трупи.