Мицкоски: Заев е во очај, па измислува дека имам контакт со Боки и со Кичеец


Последните случувања во врска со случајот „Рекет“ не треба да имаат последици врз европерспективите на земјава, смета евроамбасадорот Самуел Жбогар. Напротив, како што вели, активностите што ги презема Јавното обвинителство претставуваат функционирање на владеењето на правото.
„Сметам дека она што моментално го презема Јавното обвинителство е демонстрација на функционално владеење на правото. Самиот факт дека ЈО почнува да работи на случаи на корупција, а не само СЈО, покажува дека има напредок и тоа е добро“, изјави Жбогар.
Во изминатите неколку години, како што посочи, СЈО навистина напорно работеше и заврши многу добра работа, работеше на градење судска пракса за случаите на корупција и многу добро ги проследи кривичните дела кои произлегоа од прислушуваните разговори.


„Таму работат извонредни правници и истражители. Очекувам дека политичките лидери ќе се обидат да најдат решение за иднината на СЈО во рамки на Јавното обвинителство“, рече Жбогар.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и вчера потврди дека не планира да седнува на иста маса со Заев и нагласи оти СЈО е завршена работа.
„Со Заев можам да разговарам само за предвремени избори. Тој и неговите се заглавени до гуша во криминал. Последниот случај ‘рекет’ е класичен пример како работи спрегата меѓу СЈО и Заев, со уцени, изнуда, рекетирање. Очекувам Обвинителството да се ослободи од стегите и да ја заврши истрагата за случајот кој ќе води до врхушката на СДСМ. Додека тоа не се случи, беспредметно е воопшто да разговараме за демократски и реформски процеси“, вели Мицкоски во изјавата за „Независен“.
Социјалдемократите ја тераат водата кон воденицата на ВМРО-ДПМНЕ и се сомневаат оти клопчето од овој случај не водело кон нив, туку во белиот дворец.
„Мицкоски нека одговори дали имал средба со еден од притворените во позната скопска дискотека и во седиштето на партијата? Дали посегнал по парите на еден од обвинетите од случаите на СЈО?“, прашуваат на „Бихаќска“.
Според конструкциите што доаѓаат од кругови блиски до власта, еден од притворените, Зоран Милески – Кичеец, наводно „соработувал“ со Мицкоски, па дури и му предал дел од прислушуваните разговори.
Но, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ негира било каква поврзаност со случаите.
„Искрено, очекував дека СДСМ ќе се обиде да се испере од случајот со тоа што ќе ме обвинат мене или некој друг од партијата дека ние сме имале врска со рекетот. Заев е во очај, па смислува небулози. Апсолутно не е точно тоа што зборуваат. Верувам дека Обвинителството запленило телефони или други предмети во истрагата, па нека ги проверат листинзите дали некогаш сум се слушнал со Боки 13 и со Зоки Кичеец. Или нека најдат фотографии од некоја средба каде што сум бил во нивно друштво. Не можат да најдат затоа што нема такво нешто“, тврди Мицкоски за „Независен“.
Од друга страна, прашува тој, Заев треба да одговори зошто ја штити Катица Јанева, кои се „Кики и Фрики“ во рекетарската приказна и дали се високи претставници на СДСМ?
„И уште едно прашање: каде е Катица Јанева?“, прашува Мицкоски.
Тој вели дека нема намера сознанијата, информациите и доказите што ги има за случајот „рекет“ да ги предаде на Обвинителството, бидејќи „таму е Русковска која не ја притвора Јанева, а неформално го амнестира Заев“.

Горан Адамовски