Мицкоски: Заев донесе црн рекорд во економијата, а ќе биде и полошо


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја оцени како катастрофална економската политика на владата и оцени оти поразите и измамите на Зоран заев и неговиот тим се секојдневие.

„По катастрофалното лошо ниво на капитални инвестиции реализирани во
првите четири месеци, поразителни се и бројките за странски директни инвестиции.
Имено ова е најлош резултат во изминатите 10 години. Уште еден неславен
рекорд. Странските директни инвестиции во првиот квартал од 2019 година
изнесуваат скромни 21.6 милиони евра. Приливите по основ на директни
инвестиции се ниски и најчесто доаѓаат од фирмите кои веќе работат во
Република Македонија. Нови инвестиции воопшто и да нема. Во февруари на пример имало одлив на капиталот од директните странски инвестиции во износ од 300 илјади евра, а во март одливот на капиталот од директните странски инвестиции е поголем и изнесува 6.8 милиони евра. Дополнително, доколку го споредиме овој квартал со кварталите од изминатите десет години, странските директни инвестиции во првиот квартал од 2019 година се убедливо најниски“, оцени лидерот на опозицијата.

Тоа, според него, било потврда дека „нереалното ниво на странски директни инвестиции кои се постигнати на крајот од минатата година се надуван резултат, кој е
последица на реинвестираната добивка кој вештачки го подигна процентот на
директни странски инвестиции“.

„И нема да биде подобро. Затоа што времето поминато со оваа влада е
неповратно загубено. Граѓаните скапо ја плаќаат неспособноста на власта.
Потребни се промени, кои ќе донесат резултати, работа и успеси за подобар
стандард за секој човек“, заклучи Мицкоски.