Мицкоски зачуден од реакцијата на Атина на неговата изјава за „македонското прашање“
По локалните избори можно е да има реконструкција на владата, вели премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски не ја разбира реакцијата на грчкото министерство за надворешни работи на неговата изјава од Њу Џерси, САД, дека „треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“.
Прашан во интервју за МТВ за неговата изјава и реакцијата од Атина, Мицкоски одговори дека е зачуден зошто таква реакција бидејќи „од каде тие се почувствувале повикани кога никој не беше споменат во таа моја изјава“. И даде дека немало да бидат испровоцирани.
„Мојата цел и мојата порака е јасна. Како претседател на Владата би било неодговорно и предавнички кон македонскиот народ, кон македонските граѓани, јас да кажам дека македонското прашање е затворено во услови кога ние не сме дел од европското семејство, а патот сме го почнале многу пред можеби некои земји членки кои се таму и тоа е прашање што стои отворено“, рече Мицкоски.
Тој уште додаде: „Додека сум жив и се занимавам со оваа работа ќе се борам овие неправди да бидат исправени во 21. век. Кога мене ќе ме нема и нема да ја вршам оваа работа, тогаш останува на генерациите по мене. Но мора да имаме институционална трага дека сме се бореле, не сме го напуштиле бојното поле и не сме биле предавници на македонскиот народ и на македонскиот идентитет“.
Околу блокадата на евроинтегративниот процес на Македонија Мицкоски рече:
„Подготвен сум да разговарам и ќе патувам и ќе седам на маса и ќе разговарам колку е потребно со секого само да најдеме решение. Немам комуникација со новиот претседател на владата на источниот сосед, но со задоволство би реализирал средба со него и со задоволство би имал желба да седнеме да поразговараме и да видиме какви се можностите. Единствената моја порака на средбата ќе биде ако договорите важат и треба да се почитуваат за нас, тогаш треба да важат и да се почитуваат и за нив и дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачкиот процес“.
Мицкоски не очекува до локалните избори оваа година да има какви било интервенции во Владата. Тој е задоволен како досега функционира кабинетот.
„Се трудам со својата работа да ги инспирирам колегите во Владата и ќе продолжам во таа насока. Не очекувам дека до локалните избори би имало какви било интервенции во самата Влада, потоа нѐ очекуваат локалните избори, потоа нѐ очекува редовниот партиски конгрес на ВМРО–ДПМНЕ. Можеби освежувања во владата би се случиле на почетокот на следната година. Тогаш многу работи ќе бидат појасни и на политички план, но и какви се перформансите на членовите на Владата“, изјави Мицскоски.
Она што е сигурно, вели тој, е дека ќе има голема и сеопфатна структурална промена во ВМРО–ДПМНЕ како политичка партија, бидејќи полека но сигурно потребно е дел од генерациите да се менуваат.
„Доколку ја добијам поддршката на делегатите, според Статутот на партијата по следниот конгрес тоа ќе биде мојот последен мандат како претседател на ВМРО–ДПМНЕ“, рече Мицскоски.