Мицкоски за Судскиот совет: Треба да се удри во чело!
Премиерот очекува откако ќе им се изгласа интерпелација во Собранието сами да се повлечат, бидејќи не можат да ги разрешат
Премиерот Христијан Мицкоски очекува членовите на Судскиот совет сами да се повлечат ако пратениците им изгласаат недоверба во Собранието. Тој утрово преку социјалните мрежи најави дека денес од неговата партија ќе биде покрената иницијатива за разрешување на оние членови што се избрани од Собранието, но призна дека така изгласаната интерпелација околу нивната работа – нема да значи разрешување и практично ќе останат на функцијата ако сакаат.
Лично тој тврдеше дека оваа влада нема да избира судии под влијание на центри на моќ, при што посочи дека досега притисоци не доаѓале само од политиката, туку и од меѓународната заедница. Генерално, оцени дека не е тајна дека граѓаните не се задоволни од начинот како функционира судско-обвинителскиот систем кај нас.
„Во изминативе месеци се запознавав детално со начинот на функционирање, начинот на избор, институционалната меморија и сето она коешто е поврзано со судско-обвинителскиот систем во државата. Кога нешто не знам јас се трудам да седнам и да го учам сето тоа. И нормално заедно со министерот, со сите луѓе кои што работат и во Министерството за правда, со заменикот, со државниот секретар, заедно со пратениците и пратеничките групи, анализираме и споделуваме искуства, бараме решенија итн. И не е тајна ако кажам дека граѓаните не се задоволни од начинот како функционира судско-обвинителскиот систем кај нас, дека тоа е едно мочуриште коешто изобилува со многу контроверзии и скандали“, изјави тој.
Премиерот Мицкоски оцени дека можеме да избереме Судски совет, којшто објективно, без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште.
„Ние не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите. Но, можеме да избереме Судски совет, којшто објективно, без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки“, истакна тој и додаде:
„И цениме дека треба да се удри во чело. Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти итн. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции на, во случајот парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет кои се избираат таму, таму и да им се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека, и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Не велам дека е тоа неточно. Но, во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро. И тогаш имаме и други механизми и други алатки“, рече Мицкоски без да ги каже прецизно другите „механизми“.
Место тоа, тој изрази надеж дека, доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет, дека тие истите ќе бидат доблесни – и ќе се повлечат.
Како следно тој навести иста постапка и за членовите на Советот на јавни обвинители, со зборовите – „чекор по чекор, ќе дојдеме и до тоа“.
По ваквите најави претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, возврати дека секој има право да поднесува иницијативи, но како и сите власти во државата мораат да делуваат согласно законот и Уставот.
„Во повеќе наврати сум дал изјави мислења во поглед на постапка за разрешување на членови на Судскиот совет. Единствено место каде што тоа е предвидено е во Законот за судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи“, рече Камбовски.
Прашан што доколку бидат разрешени членовите на Советот, одговори дека не сака да шпекулира но оти нема да причина да се сомнева дека Собранието и Владата работат согласно закон и Устав.
„Очигледно е, подвлече тој, дека постои некое незадоволство спрема одделни членови во Судски совет. Но, посочи, сите власти во државата мораат да делуваат согласно законот и Уставот“.С.Ј.)