Мицкоски за „Политика“: Судбината на Преспанскиот договор ќе зависи од резултатите на изборите
Судбината на Преспанскиот договор ќе зависи од резултатите на изборите и ако имаме двотретинско мнозинство и пратеници од другите етнички заедници, „се отвора можност за враќање на чекор наназад, во спротивно не чека многу работа“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за денешниот број на белградскиот весник „Политика“.
– Македонија мора да се врати на брзата лента до моментот за полноправно членство во ЕУ, па тогаш одвнатре ќе мора да ги корегираме грешките, вели Мицкоски, додавајќи дека негов концепт е „не на антиквизацијата и не на севернизацијата, туку да и враќање на македонизмот во Македонија“.
На прашањето на „Политика“ за неговиот став за „фијаското во Брисел и покрај зеленото светло од 27 држави на ЕУ“, како и дека „покрај Франција, вината сноси и премиерот Зоран Заев“, Мицкоски вели дека „Заев не испорачал никакви реформи и за тоа е виновна неговата неодговорна политика“.
– Крајот ќе ни биде трагичен, ако го прифатиме ставот дека е виновна само Франција и државата продолжи да тапка во место. Со тоа ќе се зголеми профитот на фирмите на Заев, а ние и натаму ќе го обвинуваме Макрон, изјави Мицкоски.
Околу прашањето за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во земјата и за неизнаоѓањето „заеднички јазик“ со властите за новиот Закон за обвинителство, Мицкоски одговора дека тој се залага за владеење на правото и за независна судско-обвинителска власт.
– Затоа се апсурдни прашањата дали на Груевски би му се овозможило враќањето дома. Вистинско прашање е кој овозможил тоа да се случи и дали Заев ја говореше вистината кога ја лажеше македонската јавност дека Груевски се криел во гепек од автомобил или сега, кога вели дека Груевски бил слободен граѓанин и можел да прави што сака, вели Мицкоски.
Тој во интервјуто за „Политика“ насловено „Зоран Заев три години ја води земјата во амбис“, вели дека себе си се гледа како победник на претстојните избори, поради тоа што, според него, ВМРО-ДПМНЕ носи „нова енергија, заснована на чесност и принципиелност“.
– Патот кој премиерот Заев го следеше овие три години, не водеше никаде, поточно водеше во амбис, што му е јасно на секого и тоа им е јасно и на нашите партнери во меѓународната заедница… Најбитно во овој момент е да имаме чисти, коректни и демократски избори, на кои граѓаните ќе бираат помеѓу неспособна, корумпирана и криминална власт и од друга страна, вредност, честитост и одговорност, која ја нуди мојата партија ВМРО-ДПМНЕ, оцени Мицкоски во интервјуто.