Мицкоски за отчетот: Ова се сто дена фијаско на Владата

Изминатите 100 дена на Владата се вистинско фијаско и продолжение на низата која трае четири долги години – години на промашувања, криминал и неуспеси. Ова се најлошите 100 дена на кој било Влада во македонската современа држава.

Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги оцени првите три месеци од мандатот на актуелната Влада. Мицкоски на прес-конференција која почна додека е во тек владиниот онлајн отчет за сработеното во првите 100 дена, рече дека изминатите 100 дена се 100 дена на загубена иднина, загубена економија, загубена правда, загубена вистина, загубени животи, загубено достоинство и атакуван идентитет.

-Ова се 100 дена на загубени штедни влогови, упропастена банка, загубени пари, илјадници загубени работни места, загуби за земјолците, бизнисот, загубени инвестиции. Ветуваа живот, а по изборниот инженеринг составија Влада со ветување – можеме повеќе и подобро, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ и влеговме во рецесија, поскапе струјата, се загубија животи поради неспособност да се манаџира здравството, истакна Мицкоски.

Според него, сегашната Влада не може да ги менаџира ни економијата, образованието и надворешната политика. Нема ниту еден капитален проект, гасификацијата доцни, а повеќето граѓани живеат со по две евра на ден.