Мицкоски за довербата на Владата: Бидете спокојни, најдоброто допрва доаѓа


Откако денеска премиерот Зоран Заев сосема неочекувано побара и доби доверба на Владата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тоа го нарече „препелкање“. Христијан Мицкоски е заболен од корона и се наоѓа во изолација и во обраќањето преку Фејсбук рече дека токму оваа ситуација ја искористил Заев.

„Нема човек кој е задоволен од оваа Влада и затоа сите граѓани со мачнина го гледаат ова денешно препелкање на Заев во Собранието. Јас ќе речам, бидете спокојни. Најдоброто за нашата земја допрва доаѓа“, напиша Мицкоски.

Тој ги повтори обвинувањата дека „Заев е мафијаш, тоа е дел од неговиот карактер“ и оцени дека на мала врата и со сила го протуркал во Собранието гласањето, како што вели, „за недоверба на Владата“, а не за доверба. Според Мицкоски тоа било доказ за „неговата огромна слабост“.

Мицкоски вели дека Владата била приклучена на апарати за дишење, но „исто како и мојата ковид зараза, тие денови ќе поминат“. А тогаш ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе го постави прашањето за доверба на Владата „и ден потоа Заев нема да биде премиер“.

Пратениците на опозицијата не присуствуваа во собраниската сала за време на гласањето за доверба. (Н.В.)