Мицкоски за „Брајтбарт“: Македонија стои зад Трамп


Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Брајтбарт њуз“ изјави дека Македонија силно ја поддржува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и сака стратешкиот дијалог со Вашингтон да донесе конкретни резултати во областа на безбедноста, енергетиката, инфраструктурата, трговијата и инвестициите.

Мицкоски посочи дека македонската влада воспоставила контакти со тимот на Трамп уште за време на неговата изборна кампања во 2024 година, а по неговиот избор за претседател испратила делегација на инаугурацијата во Вашингтон. Тој оцени дека поддршката за Трамп во Македонија е исклучително висока и изрази подготвеност да го пречека американскиот претседател во земјава доколку неговиот распоред го дозволи тоа.

„Со задоволство ќе го угостам на највисоко ниво. Тој ќе ја ужива поддршката од македонските граѓани“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи  дека Македонија во повеќе наврати ги поддржувала американските позиции во Обединетите нации, вклучително и за прашања поврзани со Иран, Венецуела и Куба.

Според Мицкоски, земјава е „клучна точка на американските интереси на Балканот“ и силен поддржувач на стратешкото партнерство со САД. Тој ја истакна и соработката со американскиот претставник Ричард Гренел и амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, особено во делот на енергетиката и можностите за американски извоз на течен природен гас во регионот.

Мицкоски се осврна и на разговорите со администрацијата на Трамп за царините, при што посочи дека е постигната основа за билатерален договор со нулта царинска стапка за одредени производи.

Тој очекува договорот официјално да биде потпишан за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, доколку се финализираат процедурите.

„Имаме нула царини кога станува збор за извоз на македонски производи во Соединетите Американски Држави“, изјави Мицкоски. Според него, договорот би можел дополнително да ја олесни трговијата, да го зголеми американскиот извоз и да привлече нови инвеститори во земјава и регионот.

Мицкоски најави дека за време на претстојната посета на САД очекува да бидат отворени и други теми за продлабочување на соработката, а изрази надеж и за средба со претседателот Трамп.

Како што истакна, целта на македонската влада е односите со Вашингтон да се развиваат не само во политиката и безбедноста, туку и преку конкретни економски проекти, инвестиции и инфраструктурна соработка.