Мицкоски: Втор ден, отвораме втора градинка – Владата води јасна просемејна политика


Две градинки отворени во два дена, според премиерот Христијан Мицкоски, се јасен показател дека Владата води просемејна политика. За утре најави отворање градинка во Сопиште.

Денеска Мицкоски присуствуваше на отворање градинка во селото Таринци, Општина Карбинци, во која ќе можат да се сместат дополнително 50 дечиња. 

„Втор ден во овој дел од Македонија и втор ден со убава вест, повторно детска градинка. Како Влада продолжуваме да правиме и создаваме услови за најмладите, за најмилите. Тоа се нашите деца. Како Влада водиме јасно определена просемејна политика, политика која подразбира брак, деца, затоа што тоа е иднината на државата и иднината на нацијата. Се останато претставуваат вредности кои, со сиот ризик повторно да бидам критикуван, оваа влада не може да ги промовира. Оваа Влада ќе промовира секогаш просемејни вредности, вредности за кои што мислиме дека претставуваат основа и темел на една нација и една држава“, рече Мицкоски.

Со цел поддршка на просемејната политика, покрај оние бесплатни шест ин витро процедури, од три зголемивме на шест.

„Вчера беше Кочани, конечно после сите перипетии се отвори таа градинка за 114 дечиња, денес е оваа надградба на постојната градинка во Таринци, општина Карбинци за нови педесетина дечиња. Утре ве поканувам во скопско Сопиште, исто така отвораме градинка и продолжуваме во периодот кој што следи. Кога на ова ќе се додадат и оние книги кои што ги добија првоодделенците дека семејството преставува “мајка, татко, сестра, брат и јас“, тогаш јасно ги дефинираме политиките на оваа Влада и во таа насока ќе продолжиме и во иднина да промовираме таков тип на политики“, повтори Мицкоски.