Мицкоски вршел притисок во МВР да се затвори случајот со теретаната, тврди Славјанка Петровска


Случајот со снимката од теретаната, каде се појавува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не е затворен – уште се води истрага, изјави вечерва дополнителната заменичка-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска. Во гостувањето на ТВ 24 таа уште изјави дека Мицкоски барал од дополнителниот помошник-министер овој случај побрзо да се реши, затоа што имал негативен одглас во јавноста за него.

„Моментално се вештачат хард дисковите од теретаната. Целта на тоа вештачење е да се провери веродостојноста на снимката и дали нешто е бришено од хард дисковите и затоа истрагата не е завршена. Нема потреба Мицкоски да врши притисок кај дополнителниот помошник-министер во одделот на Внатрешната контрола, за што имам службена белешка. Мицкоски бараше овој случај побрзо да се реши. Точно е дека во извештајот на Внатрешна контрола стои дека снимката не потекнува од еден мал период од – до во април. Ама сите сме сведоци дека вирусот трае март, цел април и сега. Не можете да ја затворите истрагата ако потврдите дека снимката не е од еден мал период, ако не покажете од кога точно потекнува. Токму затоа е истрагата за хард дисковите и дали нешто е бришено од нив“, изјави Петровска.

Таа не сакаше да ја коментира изјавата на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, дека обезбедувањето не носело нараквици, туку дека тоа било отсјај од светлата на нивните раце. „Нема да го коментирам делот со ‘отсјајот’, бидејќи предизвика сериозна критика во јавноста, затоа што со тоа се фрли сенка на професионалното работење“, рече Петровска.