Мицкоски: Вративме 4,6 милијарди евра стари долгови, проектираме економски развој
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју во „Каде се парите? со Горан Теменугов” потенцираше дека иако во овие две години вратени се 4,6 милијарди евра стари долгови, сепак државата проектира економски развој, буџетот се полни со предвидената динамика, додека долгот е намален како процент од БДП и воедно се справивме со најголемата енергетска криза во поновата историја.
„На дневна основа комуницирам со институциите кои се задолжени да го полнат буџетот, вклучително и министерката за финансии, имам јасен преглед што се случува, како се случува, и во каква состојба сме и каква состојба требаше да исправаме што ја наследивме пред 2 години кога бевме избрани како влада. Апсолутно сите да бидат спокојни, буџетот се полни во динамиката која што е предвидена, буџетот ќе се наполни во динамиката која што е предвидена“, додаде премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека во овие две години вративме и обезбедивме ликвидност од отприлика 4,6 милијарди евра, а нетирано долгот е намален кога ќе се гледа како процент од бруто домашниот производ.
„Така што имавме многу предизвици, имајќи ги предвид сите тие предизвици, вклучително и би рекол најголемата енергетска криза во поновата историја на човештвото, сигурен сум дека успешно се справивме со сето тоа“, појасни премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски појасни дека моменталната ситуација со буџетот е многу подобра отколку во претходните години и покрај тоа што се враќа солидарниот данок на минатата влада, заради одлуката на Уставен суд.
„Заклучно со 15 јуни, реализацијата на буџетот е отприлика 43%, бидејќи на 15-ти се исплаќаат сите оние персонални даноци, сите пријави кои се однесуваат на платите и така натаму, на 25-ти се исплаќа ДДВ. Второ, не го гледате нетираниот солидарен данок, од отприлика милијарда и пол, две кој ние го нетиравме со компаниите, односно после одлуката на Уставниот суд, ние го вративме. Кога ќе го додадете нетираниот солидарен данок, ќе дојдеме со бројка над 44%. Во следното полугодие од годината, тоа се седмиот и десеттиот месец ние ќе го наплатиме тромесечниот данок на додадена вредност, додека во првото полугодие од годината само во април го наплаќаме. И конечно доаѓаме до декември, најчесто се исплаќаат сите даноци, бонуси, дивиденди и така натаму и тогаш по правило собирањето на даноци на крајот на годината е практично најголем. Така што мене апсолутно оваа состојба не ме загрижува, туку напротив е многу подобра отколку што беше годините наназад“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека хистерија креваат личности блиски до СДСМ и политичари кои ја доведоа државата во тешка состојба, кои сега гледаат како оваа влада успеа да се справи со кризата и да обезбеди стабилно снабдување со нафтени деривати не само за македонските граѓани, туку и за граѓаните на соседните држави.
„Хистеријата која ја рефлектираат во јавноста одредени аналитичари блиски до СДСМ и некои политичари кои ја доведоа Македонија во оваа состојба, кои порано имаа допирна точка со економијата и финансиите, мене не ме загрижуваат, туку ме охрабруваат затоа што таа хистерија е соодветна на луѓе кои го изгубиле тлото под нозете, се во паника и гледаат дека и покрај сите кризи ние успеавме како држава без да очајуваме, без да држиме панични прес-конференции, како што тоа беше случај во соседството, да се справиме на еден мирен начин, да обезбедиме стабилно снабдување на граѓаните и бизнисот со нафта и нафтени деривати, да успееме да обезбедиме стабилно снабдување и за граѓаните на соседните држави. И конечно да дојдам до мојата поента, имајќи го предвид сето она кое го преземавме на почеток намалено ДДВ, потоа намалена акциза и да ги имаме овие наплати, тоа е голем успех“, потенцираше премиерот Мицкоски.