Мицкоски во Минхен се сретна со Антонио Кошта
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/Христијан-Мицкоски-Антонио-Кошта.jpg)
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Минхен, каде што се одржува безбедносната конференција, се сретна со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Според соопштението од Владата, на средбата се разговарало за европските интеграции, „за напорите и отстапките кои беа направени на тој план, како и за потребата конечно да се отворат вратите на ЕУ“.
Мицкоски посочил дека земјава заслужува да оди напред и да не биде заложник на билатерални спорови и пречки.
„На тој план Македонија направи многу и Европската унија мора да покаже подготвеност тоа да го вреднува на вистинскиот начин, а тоа е преку динамизирање на процесот на преговори со ЕУ“, истакнал Мицкоски.
Тој рекол дека Владата е силно посветена на судските реформи, испорачување на правдата и борба против организираниот криминал за што е потребна поддршка и мобилизација на сите општествени чинители.
Мицкоски посочи дека првенствена цел е борба за стандардот на граѓаните и подобар живот, што ќе се постигне преку иновации, инвестиции и силно образование.