Мицкоски: Во комуникација сум со Владата и кабинетот на Пендаровски


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на својот Фејсбук профил напиша дека е во комуникација со претставници на Владата и кабинетот на Претседателот, поради зголемениот број новодијагностицирани со Ковид-19.

„Денеска сум во комуникација со повеќе именувани лица од Владата на Спасовски и со претседателот Пендаровски, загрижен за развојот на настаните и излегувањето од контрола на пандемијата со вирусот. Мора да се демонстрира сериозност и да се носат одлуки кои ќе значат заштита на здравјето на граѓаните“, пишува Мицкоски.

Во однос на прес-конференцијата на Зоран Заев, тој вели дека има многу да каже, но оти денешниот ден нема да го користи за преписки и конфликти и дополнително да ги вознемирува граѓаните.

„Работите се многу посериозни. Имаме црн понеделник, се заразуваат премногу луѓе, премногу и умираат, и јас не знам како само мирно спие овој човек и како се прави како ништо да не се случува и глуми нормалност“, пишува лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.