Мицкоски: Владата сака да ги почне коридорите без дозвола за градење


Претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави денес дека поминале  45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, а бидејќи Законот за работни односи не е сменет, од денеска стартуваат пеналите коишто државава ќе треба да му ги исплаќа на американско-турскиот конзорциум што ќе ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д. Според него, со измените на Законот за градење, Владата сака да го почне овој проект за изградба на коридорите 8 и 10-д без претходно да добие дозвола за градење, односно без основен проект којшто би бил ревидиран и придружен со сите одобренија согласно законот.
„Измените кои се доставени во парламентот бараат да го отпочнат овој проект без одобрение за градба, додека вие и ние сите за да почнеме нешто да градиме треба да извадиме одобрение за градба. Еве нека ме демантираат ако не е така. Значи, таму имаме граѓани од прв ред, граѓани од втор ред, празни места па сите ние. Ете така отприлика функционираа оваа влада на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ“,изјави Мицкоски.

Тој ја повика Владата да ги демантира ваквите наводи доколку не се точни, укажувајќи дека сè што досега изнела неговата партија во врска со договорот со „Бехтел и Енка“ не било демантирано од страна на власта.

Прашан како го коментира тоа што градежните активности во врска со овој проект сè уште не се почнати, Мицкоски кажа дека уште долго ќе биде вака, оти Владата не била подготвена и немала проекти.