Мицкоски ветува поголеми плати, пензии, рамен данок и 4 милијарди евра инвестиции


Поголеми плати најмалку за 25 отсто во наредните четири години и на пензиите најмалку за 20 отсто, економски раст од 4 отсто годишно, враќање на рамниот данок и негово намалување на 8 отсто, како и сведување на невработеноста под 10 отсто, најави денес на прес конференција претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, изложувајќи дел од економската програма на партијата за наредните предвремени парламентарни избори. Тој вети и 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат, како и низа мерки за подобрување на бизнис климата и обнова која ќе донесе повеќе пари за бизнисот, помалку давачки и бирократија. Лидерот на најголемата опозициска партија изложи сет од 11 мерки кои ќе бидат дел од програмата, на која, како што рече, интензивно работеле последната година универзитетски професори, експерти од странство, комисиите во ВМРО-ДПМНЕ…

„Ова пред се ќе биде економска обнова, обнова заоснована на економски темели за кои најважен услов ќе биде правдата“, рече Мицкоски.

Образложувајќи ги мерките тој рече дека за еден мандат просечната плата во државата ќе се зголеми за минимум 25 отсто.

„Тоа ќе значи во просек за 6.500 денари повеќе од просечната плата за декември 2019 година. Се обврзуваме за обнова која ќе овозможи зголемување на просечната пензија за минимум 20 отсто во еден мандат или повеќе од 3.000 денари“, рече Мицкоски најавувајќи дека во првите 100 дена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го промени Законот за пензиско и инвалидско осигурување и пензиите ќе се прилагодуваат врз основа на порастот на трошоците за живот и просечниот раст на нето платите. Тој додаде дека драстично ќе ја намалат невработеноста, која ќе биде сведена на ниво под 10 отсто.

За младите до 29 години кои имаат годишен нето приход до 6,5 илјади евра, Мицкоски рече дека ќе донесат законски измени со кои персоналниот данок ќе изнесува 0 отсто.

„Дополнително, преку градење на модерна иновациска инфраструктура која подразбира отворање на иновациски центри, бизнис инкубатори и акцелератори, научни и технолошки паркови ќе им овозможиме на младите и креативните луѓе целосна поддршка во реализација на нивните бизнис идеи“, рече Мицкоски.

Една од мерките која што е наведена во програмагта на партијата е враќање на рамниот данок и негово сведување на ниво до 8 отсто.

„Ќе стартуваме од 10 отсто, од кој за 1 процентен поен ќе имаме намалување во првите 100 дена, а во период од две години уште за дополнителен еден процент ќе дојдеме на 8 отсто“, најави Мицкоски.

Нов модел на реиндустријализација е исто така една од мерките во програмата на партијата, кој, како што рече Мицкоски, ќе биде базиран на модерен пристап и зголемување на извозната конкурентност на македонската економија.

За таа цел се предвидуваат мерки за поддршка на домашните компании во нивното технолошко и организациско унапредување; создавање мрежа на извозни промотори за домашните извозни компании и промотори за привлекување на странски директни инвестиции; како и реформа на Македонската банка за поддршка на развојот во Македонско извозно развојна банка која ќе обезбедува поволни кредити и извозна поддршка за домашните компании и субвенционирана камата за развој. Во однос на привлекувањето на странските директни инвестииции, Мицкоски рече дека ќе се редефинира програмата со цел привлекување на компании со најголем потенцијален бенефит за македонската економија.

„Се обврзуваме на обнова која ќе донесе 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции за еден мандат“, рече Мицкоски, додавајќи дека веќе се водат разговори со неколку големи европски компании.

Ваквите мерки, според Мицкоски, ќе овозможат раст на БДП од најмалку 4 отсто годишно, како и повеќе пари за бизнисот, помалку давачки и бирократија.

„Ова значи намалување на парафискални давачки за фирмите кои што се резултат на анализата и средбите со стопанските комори и стопанствениците и на административните бирократски процедури. Дел од нив целосно ќе бидат напуштени, а за дел од нив роковите на одговор на институциите ќе биде намален. Се обрзуваме за повеќе од 90 отсто реализација на планираните капитални државни инвестиции годишно“, рече Мицкоски.

Тој исто така рече дека е потребно да се подобри економскиот рејтинг на државата што подразбира не само економски и институционални мерки, туку и борба против корупцијата и криминалот, при што се обврза Македонија да се искачи во Топ 10 на листата на „Дуинг бизнис“, како и да влезе во првата третина на листата на Светскиот економски форум „Давос“ за најразвиени економии и во првата четвртина на листата на „Форбс“. (Н.В.)