Мицкоски ветува автопат до Битола и 2 милијарди евра за патишта


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес на прес конференција презентираше дел од мерките во инфраструктурата во нивната партиска програма, во кои централно место беше автопатско поврзување на Скопје со Битола.

„Тоа ќе значи изградба на нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола и ќе овозможи од Скопје до Битола да се патува за час и половина. Ова значи ново автопатско поврзување од Велес, Чашка, Прилеп па се до Битола, кој е од стратешко значење за Пелагонискиот крај и за еден милион граѓани“, рече Мицкоски, додавајќи дека ќе бидат завршени и започнатите автопати Кичево – Охрид и Скопје – Блаце.

Дел од партиската програма е и реконструкција на над 1.000 километри регионални државни патишта, односно целосна замена на асфалтот. Тој рече дека вкупните инвестиции во патишта ќе изнесуваат 2 милијарди евра што ќе биде значителна финансиска инјекција за градежниот сектор. Дел од програмата на партијата е и изградба на 150 километри експресни патишта, купување на 5 нови возови, пруга од  Битола до Грција и пруга за Бугарија, нови евтини авио летови, а ќе настојуваат да се воспостават прекуокеански летови до САД.