Мицкоски вели и дека следната европска тројка доаѓа бадијала за уставните измени


 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека и следната европска министерска тројка (од Франција, Германија и Полска, позната како „Вајмарски тријаголник“) ќе доаѓа попусто ако целта на нивната посета се уставните измени.

„Повторно ќе кажам, доколку доаѓаат за уставните измени, нашата порака е иста, нашите аргументи се исти. Од таа страна не слушам нова поента и ако доаѓаат за тоа, навистина ќе бидам и загрижен бидејќи на овој народ овде последна работа што му паѓа на памет се уставните измени“, изјави Христијан Мицкоски при посетата на Прилеп, одговарајќи на новинарски прашања.

„Вчера разговарав со тројцата министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и Словачка, имавме аргументирана дебата во парламентот, ги кажавме нашите ставови, тие ставови се исти, непроменети, и ако некој ја изолира Македонија, тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија, а од друга страна од истите тројца добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале зборот изолирање, туку рекле ќе има задоцнување во процесот“, рече Мицкоски. 

Задоцнување во процесот, според него, „ќе има поради тоа што Владата на Ковачевски потпиша договор под бугарски диктат којшто народот не го прифаќа и е надвор од политички консензус“. 

„Со промена на оваа влада ќе дојдат луѓе кои што знаат како да ја извадат Македонија од оваа состојба во која што се наоѓа. Луѓето имаат реални суштински проблеми како да го поминат месецот, како да се подгготват за следната грејна сезона, дали на земјоделците им е важно дали ќе има уставни измени или да го продадат производот, тоа е суштината“, оцени Мицкоски.