Мицкоски вели дека се сретнал со претседателот на бугарскиот клуб, но само еднаш


 

Христијан Мицкоски, денеска потврди дека се сретнал со претседателот на бугарскиот клуб во Охрид, но дека тоа било случајно. И не го познавал Томе Блажевски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска одговори како се случило тие двајца заедно да палат свеќи пред црква.

„Не, не го познавам момчето. Гледам некоја слика се појавува таму. Мислам дека точно знам кога и како е тоа сликано. Тоа беше при една моја посета, станува збор за Бигорскиот манастир, каде што овие беа таму и како групација ми да дадоа една книга којашто им ја вратив. Не ја примив. Единствената моја средба во животот е тогаш со ова момче“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој повтори дека отворањето на бугарскиот клуб во Охрид е провокација и дека тоа било резултат на „поданичките и предавнички политики од страна на оваа Влада на СДСМ“.

„Ако тие очекуваа дека ќе добијат дебел црвен персиски килим и ќе добијат поддршка и помош ако се согласат да отпочнат асимилација на сопствениот македонски народ тогаш еве им пример како резултираше нивната политика – тоа е отворањето на ова здружение со име на фашист, во случајов царот Борис Трети“, рече Мицкоски.