Мицкоски вели дека не го познава Савески


Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека не го познавал Ненад Савески пред да биде донесена одлуката за негов предлог за нов шеф на Јавното обвинителство. Информира дека Владата ја донела одлуката врз основа на анализа на сите кандидати и нивните биографии, како и врз основа на заклучоците од Советот на јавни обвинители.

„Донесовме заклучок дека Ненад Савески може да биде соодветно решение за нов државен јавен обвинител. Јас лично не го познавам, но од она што можев да го видам од неговата биографија и од распрашувањето, цениме дека може да биде одличен нов државен јавен обвинител“, рече премиерот по работната средба со Советот на Странски инвеститори во Стопанската Комора.

Мицкоски се уште не знае кога формално предлогот ќе биде доставен до Собранието на гласање, но очекува да биде во текот на денешниот или утрешниот ден.