Мицкоски веќе разочаран од Радев, сѐ уште не му честиташе победа
Премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека е „благо разочаран“ од одзивот на македонските граѓани кои се декларираат како Бугари на изборите оваа недела, по сѐ изгледа е разочаран и од Румен Радев, кој е сосема извесно дека ќе биде новиот премиер во оваа соседна земја.
Ниту тој ниту пак претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, барем од она што е објавено досега, сѐ уште не му ја честитале победата, а саракстичната забелешка на премиерот не отвора – туку затвора пат за соработка со новата влада на Бугарија.
Иако Радев не е ново лице во политиката и со него Македонија веќе си има хипотека, за премиер и политичко раководство што упорно тврди дека му треба стабилна политичка влада во Софија за да го решава проблемот околу блокадата на евроинтеграцијата – ова не сугерира дека има токму таква намера.
Во стилот на гаранциите што ги бара од Брисел, Мицкоски вчера му упатуваше услови на новиот бугарски премиер, во смисла да е ориентиран европски и „добрососедски“, како и да е посветен на исполнувањето на Копенхашките критериуми, а не на билатерални спорови кои што „треба да дадат одговори сега на прашања од Средниот век“.
Наспроти него, претседателот на Собранието Африм Гаши денес тврдеше дека за нас во Македонија е во полза да имаме стабилчна политичка влада во Софија и дека се надева на воспоставување комуникација за да успееме да го „фатиме возот со преговарачките поглавја“.
Одговарајќи на пораката на Радев дека очекува да ги исполниме ветувањата за уставните измени, Гаши рече дека Собранието е подготвено веднаш да ја почне постапката, но му треба политички договор дека нема да има отворање на други вакви прашања во переговорите.
„Само да дојдеме до политичкиот договор, процедурата е полесниот дел“, рече Гаши на брифинг со новинарите денес.
Тој исто така тврдеше дека да зависеа уставните измени само од пратениците Албанци во Собранието досега ќе беа почнати, но мора да се обезбедат 80 гласа за да поминат, што без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ тоа не е можно.
Откако Мицкоски дојде на власт, во Софија никако да дојде влада по неговиот вкус или барем толку прифатлива да почне некакви политички разговори. Место тоа се иницираа конфликти како тој со тунелот на Коридорот 8. Практично, од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на власт во Бугарија се сменија четири влади, што службени, што политички, а Мицкоски оствари само една неформална средба со Жељасков на меѓународен настан, и таа се обиде да ја сокрие. Две од тие четири бугарски влади ги предводеше Димитар Главчев како службени кабинети, третата беше коалициска влада предводена од ГЕРБ и Росен Жељасков (заедно со БСП и Има таков народ), а последната исто така е службен кабинет предводен од Андреј Ѓуров.
На ваквата политика реагираа и од СДСМ, поставувајќи ја дилемата „како гласаа функционерите на ВМРО-ОКГ на изборите во Бугарија?“
„Додека го блокираат европскиот пат на Македонија и намерно создаваат конфликти со Бугарија, многу функционери од ВМРО-ОКГ си обезбедија бугарски пасоши – пасоши на ЕУ“, по што наведоа список на неколку функционери декларирани како Бугари.
Антонио Милошоски од Преродба, Софија.
Никола Мицевски од Ќустендил.
Сања Божиновска од Софија.
Стефан Андоновски од Ќустендил.
Марија Андоновска од Благоевград.
Бојан Стојановски од Благоевград.
Иван Јорданов од Ќустендил.
Игор Здравковски од Ќустендил.
Марија Петрушевска од Средец.
Андреј Жерновски пак саркастично забележа „дека тој е докажан ПРОЕВРОПСКИ политичар, па очекува и другите да се такви“, со додавка: „Имам чувство“ дека немам баш добро чувство…
Победата на Радев, според анализите, не се очекува да донесе радикален пресврт во билатералните односи, туку повеќе продолжување на веќе воспоставените позиции, со фокус на европската рамка, но и на заштита на бугарските национални интереси.