Мицкоски утре пак во Будимпешта, ќе се обрати на конференција организирана од Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го поздрави премиерот Христијан Мицкоски и неговото лидерство во заштита на европската граница од илегалните мигранти.
Орбан говореше на отворањето на конзервативната CPAC конференција во Будимпешта, на која утре треба да се обрати и Мицкоски.
– Нашиот македонски херој Христијан Мицкоски победи на изборите иако цел Брисел го поддржуваше неговиот противник. Тој е чуварот на тврдина која ја штити европската јужна граница од миграцијата. Да живее Македонија – изјави премиерот Орбан на отворањето на големата конференција на европски и американски конзервативци.
Меѓу другите гости на конференцијата се словачкиот премиер Роберт Фицо, грузискиот премиер Иракли Кобахидѕе, Андреј Бабиш од Чешка, Јержи Квашњевски и Матеуш Моравиецки од Полска, Херберт Кикл од Австрија, Алис Вајдел од Германија, Хорхе Буксаде од Шпанија, како и американските десничарски ѕвезди Бен Шапиро, Џек Пособиец и Дејвид Рубин.