Мицкоски „удри“ по меѓународните финансиски институции за солидарниот данок: „Им кажував ова еден ден некој ќе го враќа“


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски денес им забележа на меѓународните финансиски институции, без да именува кои, дека своевремено застанале зад солидарниот данок, кој вчера беше поништен од страна на Уставниот суд, што на сегашната Влада ѝ стави на плеќите товар од 50 милиони евра што треба да се врати на компаниите. Тој најави дека ќе направат „мапирање на компаниите“ и ќе разговараат со нив за да се најде решение.

„Предупредувавме и тогаш, но она што мене ме вознемирува повеќе, не од овие кои што претходно беа влада, од нив не очекував ништо повеќе, туку што имаа поддршка од некои меѓународни финансиски институции тоа да го прават. Тоа повеќе ме вознемирува“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во реновираниот Клуб на пратеници при што беше промовирана кампањата „Каде срцето е дома“ за посета на општините.

Вчера Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок, со што сега државата ќе треба да врати 49,2 милиони евра на 156 компании, а фирмите може да бараат и камата.

„Сега, кој ќе го врати ова? Еве да ги прашам, бидејќи тогаш бевме опозиција и на состаноците со тие меѓународни финансиски институции лично ги гледав во очи и им кажував, ова дивеење еден ден некој ќе го враќа. Еве, дојде денот кога вие треба да го враќате. Тие ќе си се спакуваат, ќе си одат таму од каде што дошле, вие ќе треба да го враќате“, рече остро премиерот, одговарајќи на прашањето како ќе се вратат парите, дали ќе се прави ребаланс на Буџетот или можеби во следните пет години ќе се враќаат, како и дали ќе разговараат со фирмите за да не ја бараат каматата на која што имаат право.

„Ќе треба да враќаме за некој кој што правел хирови, којшто правел грешка. Сѐ што кажавте е така, имаат право да бараат затезна камата, имаат право на сѐ, не е ова нешто кое што е чудно или не е вистинито“, рече Мицкоски, додавајќи дека одлуката на Уставниот суд е конечна и дека нема да ја коментира.

„Таа мора да се почитува. Сега би ја прашал опозицијата кои се тие уставни судии кои што Мицкоски ги навигираше. Нели, така велеа дел од опозициските партии дека уставните судии работеле по налог на Мицкоски. Нека излезат пред граѓаните и пред јавноста да кажат кој ќе ги врати овие 50 милиони евра“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека вчера разговарал во министерката за финансии, при што било договорено да се направи мапирање на компаниите кои што беа опфатени со Законот за солидарен данок.

„Ќе им пристапиме на сите нив една по една и ќе најдеме решение, како што наоѓаме решение за се друго и заедно ќе го премостиме и овој проблем како и стотици други кои што ги поминавме изминатите месеци“, рече Мицкоски.

На прашањето дали некој ќе одговара, тој рече дека се разгледува и таа можност, иако нејасно е како ќе се бара одговорност од некој, бидејќи оваа обврска произлезе по гласање во Собранието за донесување на законот за солидарен данок.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, вчера појасни дека компаниите имаат право во рок од пет години, доколку сметаат дека со тој закон им биле повредени правата, да бараат од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои им се повредени правата.

„Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволено. Значи правната сигурност на субјектите во правото тие мора да имаат правна предвидливост и правната сигурност. Субјектите во правото мораат да знаат што ги чека, не може сред игра да им ги менуваш правилата на игра. Тоа е правната предвидливост, тие носат проекции и во тоа се состои суштината на владеење на правото. Кога владее правото ти знаеш што те очекува, дека оваа година на толку остварен профит, толку данок ќе платам. Се друго води кон правна непредвидливост и правна несигурност“, изјави Костадиновски.

Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра). Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин. (M.J.)