Мицкоски тврди: Власта прави обид за купување на пратеници


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека власта на СДСМ прави обид за купување пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, посочувајќи дека на пратениците им се нудат разни повластувања и привилегии, вртоглави суми, како и амнестии за судски случаи.

-Ја користам оваа можност во ова денешно интервју да проговорам отворено и за сето она што се погласно се шпекулира изминатите денови во јавноста, а тоа се оние обиди да се тргува со пратеници од една или од друга или од трета страна. Јас можам да пренесам дека навистина се згрозувам од тоа што некои од пратениците ми го пренесуваат за тоа како им приоѓаат луѓе кои што се претставуваат од името на луѓето кои што се дел од раководството на СДСМ, па нудат разни привилегии за нив, за нивните семејства, се споменуваат шесто, седмо цифрени бројки изразени во евра, амнестии за судски случаи итн. Навистина сето тоа предизвикува брутално згрозување, не само кај тие луѓе, туку и кај мене, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за ТВ Сител, рече дека ваквиот обид за поткуп на пратениците е без успех и оти целта на власта на ваков начин да ја прекројат волјата на граѓаните од овие избори.

Во врска со преговорите за составување нова Влада, тој истакна дека изборните резултати оставаат можност за секакви комбинации од тоа влада да формира ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, да се прави широка коалиција или пак воопшто да не се формира, што според него остава можност за нови парламентарни избори.

Тој истакна дека преговорите што ги води ВМРО-ДПМНЕ се темелат на идеи и програми и оти се подготвени да коалицираат со партии кои имаат исти визии за подобро утре на државата и на граѓаните. Повтори дека нема да разговара под пристисок или уцени и оти партијата со која раководи не сака да формира влада по секоја цена.

Во врска со евентуалната можност за широка коалиција тој кусо посочи дека од искуството во Македонија може да се види дека такви широки влади не фунционрале и оти тоа не е она што им е потребно на граѓаните.