Мицкоски тврди: Се подготвува заговор за изборите


 

Без да понуди некој опиплив доказ туку потпирајќи се „информации што ги добивам во последно време“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека власта подготвувала сценарија за наводно изигрување на изборната волја на граѓаните.

„Иако народот е определен и е јасно дека власта ја чека пораз, сакам да предупредувам дека  знаеме со кого си имаме работа. И забрзано овие денови спремаат повеќе сценарија со кои сакаат да ја изиграат волјата на народот и да го ублажат поразот“, рече Христијан Мицкоски на митингот во Гази Баба, Скопје.

Мицкоски додаде дека Ковачевски веројатно поучен од некои ментори со искуство внатре во партијата, играл опасна игра.

„Ваквиот заговор е дополнет со последни информации кои ги добивам со намерата да уфрлат луѓе за потплата на гласови и да вршат притисоци за гласање, а не исклучувам и колективно гласање и нови рекорди за брзо гласање во некои средини и делови од Македонија какви сме гледале во минатото“, рече Мицкоски.

Тој повика масовно да се излезе на гласање.