Мицкоски тврди дека задолжувањето од 900 милиони евра е за криминал на ДУИ од „епски размери“

За разлика од Мицкоски, Трајко Славески вели дека заемот е неопходен и дека трошењето на парите ќе го контролира ММФ


 
Најавеното задолжување од 900 милиони евра од ММФ бил поради проект кој го најавувала ДУИ, а подготовката почнала со тоа што лице блиско до интегративците станало дел од сопственичката структура на една македонска градежна компанија. Тоа го тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој денеска беше во Гевгелија во секојдневната обиколка на градовите каде што градоначалници има неговата партија.
 
Мицкоски денеска не објави кој е тој проект што долго време го подготвувала ДУИ, но рече оти немало ништо од ветувањата на власта за европска иднина туку дека дошло „должничко ропство“. „Прво излегоа и рекоа дека тие  900 милиони евра биле за ликвидноста на буџетот. Видоа дека таа приказна тешко проаѓа, па потоа се обидоа на мала врата да протнат една друга теза дека се потрошени државните резерви во четвртиот квартал од минатата година и првиот квартал од оваа година, нешто повеќе од дванаесет проценти од вкупниот волумен на државни резерви па требало тие да се покријат. Суштината е нешто друго и повторно главен играч тука е ДУИ, а СДСМ е само набљудувач на тој процес. Тоа се пари кои се наменети за тој проект кој што долго време го најавува ДУИ, а како подготовка на тој проект, изминативе денови е направена промена на сопственичката структура на една стара градежна македонска компанија сопственост на еден бизнисмен а сега во дел од сопственоста влезе лице кое што е блиско до ДУИ“, рече Мицкоски.
 
Според него јавноста наредните денови ќе била сведок  на „епски криминал“.
 

Членот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии, Трајко Славески, вчера за ТВ 21 изјави поинаку од она што го зборува Мицкоски – дека заемот е неопходен и дека трошењето на парите ќе го контролира ММФ. А не дека тој ќе бил криминал од „епски размери“.

„Добро е што ќе има надзор на трошењето на средствата и реализацијата на овој аранжман ако одиме на две години, а јас претпоставувам дека ќе одиме на две години. Тоа значи дека 4 пати, на секој шест месеци Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд ќе врши проверка на спроведувањето на аранжманот“, вели Славески.