Мицкоски тврди дека власта подготвува меѓуетнички конфликт
На вечерашнава вонредна прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го прошири обвинувањето од својата објава на Фејсбук дека лицето со пиштол за време на инцидентот кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје сакало да го убие него, велејќи дека цел беше „убиство на недолжни граѓанин, мајка со дете, пензионер, млад човек или мое убиство“.
Христијан Мицкоски рече дека тоа бил тежок инцидент „кој по сите параметри е класична политичка монтажа“. Тој оцени дека инцидентот требало да личи на меѓуетнички конфликт, а тоа било „само борба за власт на партиите што се дел од владата. Ова нема ништо со меѓуетнички конфликт“.
Мицкоски ги повтори тврдењата што ги кажуваше и друг пат дека добивал информации оти се подготвувала негова ликвидација. Тој спомена дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, најавил дека ќе има меѓуетнички конфликти доколку не се прифати францускиот предлог, а премиерот Ковачевски и министерот Спасовски спроведувале милитаристички концепт. „Вечерва требаше да биде врвот. Овој пиштол (покажувајќи на фотографијата зад него) требаше да биде врвот“.
Тој испрати пораки до Албанците и до Македонците. На Албанците им порача дека нивната борба била заедничка и во минатото и сега и ќе биде во иднина, велејќи: „Нема да има колективна среќа ако македонскиот народ е понижен“. А на Македонците им рече да останеле мирни и достоинствени и храбро да се бореле за иднината. „Ќе одиме до крај, не се повлекувам“, рече Мицкоски, не наведувајќи што значи тоа „до крај“.