Мицкоски тврди дека со кредитот на ЕБРД Македонија ќе доживее „енергетска анексија“


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ христијан Мицковски ја брани одлуката да се блокира кредитот од 100 милиони евра за справување со енергетската криза што требаше да ни го даде ЕБРД со тврдењето дека со него ќе се случела „енергетска агресија“ врз Македонија. Услов за користење на кредитот, според него, е да се затворат ТЕЦ „Осломеј“ и РЕК „Битола“.

„Кога беше трибината на СДСМ, ако не се лажам, тука беше Димитар Ковачевски. Дали намерно или од незнаење кажа дека не сме ја говореле вистината за кредитот од 100 милиони евра, кој што треба да се користи за ликвидност на ЕСМ, кога велиме дека со него се презема и обврската да се затвори до 2023-тата година Осломеј, а до 2027 РЕК ‘Битола’. Еве јас од тука ви тврдам дека во законот за кредитот што е во собраниската процедура јасно стојат три услови“, изјави Мицкоски.

Мицкоски додаде дека во втора половина на 2022 година треба да се интегрира македонскиот енергетски пазар со грчкиот, а во 2023-та со бугарскиот, односно „да ѝ се направи на Македонија енергетска анексија и енергетско уништување“.

„Подготвен сум јавно да застанам и да го бранам ова и да го спорам со секој еден, било од ЕБРД, било од Владата, од СДСМ или пак од ЕСМ. Подготвен сум да зборувам и да ги имаме и двата документа, едниот е законот кој што е во Собрание, и другиот документ е договорот за заем што го има државата потпишано. Јас ги имам и двата. Најодговорно тврдам дека ова што јас го зборувам е вистината“, нагласи тој.

Денес беше објавено дека ЕБРД решила да ги повлече парите за Македонија бидејќи очигледно не ги сакаат кај нас, а со нив требаше да се справиме со цените за енергијата и со проблемот на општините да си ги платат сметките.