Мицкоски тврди дека хидроелектраните работат со 18 отсто капацитет


Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека од утрово не работи блок 1 во РЕК Битола, а позагрижувачки е тоа што хидроелектраните се на ниво од 18 проценти.

-Од утрово не работи блок 1 во РЕК Битола, а исто така ексклузивно хидроелектраните се на ниво од 18 проценти. Комплетно е потрошена водата, работиме со еден блок во Битола и тоа е се и нешто ситно во енергетика за затоплување на источниот дел на Скопје кој што се затоплува преку ЕСМ, оној делот на Автокоманда, Маџари, Железара,  рече Мицкоски.

 Мицкоски во своето гостување укажа дека и покрај ваквата состојба во енергетиката,  владата набавува екстремно скапа струја.

-На почетокот сценариото беше да работат трите блока во Битола, да работат двата котли, една турбина во Неготино, да работи Осломеј и хидропотенцијалот. Од се ова утрово работи само еден блок, вториот блок во РЕК Битола и хидрото ни е на 18% и сега веќе имаме повторно нова набавка на електрична енергија,некаде околу 32 гигаватчаса бараат струја. Среќа во целата несреќа е што времето се уште некако не е толку студено. Замислете да паднат температурите под 5 степени, како што ќе паднат, еве ако не сега следната недела ќе паднат и во декември, јануари, февруари, што ќе правиме тогаш? – праша Мицкоски.

– Со домаќинско управување со енергетската криза мора да се следи што се случува на пазарот и ако на пазарот има електрична енергија чија берзанска цена е пониска од производствената, недозволиво е да се произведува со повисока цена. Токму затоа се прави привремен увоз на електрична енергија, возврати вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Уверуваме дека ќе имаме доволно електрична енергија до крајот на годинава. Тековното работење не треба да ги засега сите затоа што на крајот на денот енергетскиот биланс ќе биде тој којшто го кажавме пред некој месец со планот до крај на годината. Од јануари ќе гледаме како ќе продолжиме понатаму, но и претходно сме докажеле дека тоа што ќе го ветиме, го испорачуваме, рече Битиќи.

Посочи дека  нема да има поголем проблем со електричната енергија и нагласи дека се прават сите подготовки за во декември да почне производството со сите расположливи домашни капацитети.

-ТЕЦ Неготино е во процес на ремонт, но неговата производна цена на електричната енергија е повисока од берзанската цена и немаше логика да произведува дури и да беше во можност да испорачува електрична енергија, укажа Битиќи.