Мицкоски тврди дека економијата колабира


Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оцени дека економската состојба во државата е сѐ потешка, дека економијата колабира и оди во амбис и оти сѐ повеќе луѓе остануваат без своите работни места. Тој посочи дека имало неколку индикатори што го покажуваат она што го тврди.

Зборувајќи за индустриското производство тој рече дека во март 2020 година тоа е за 13,4 отсто помало од истиот месец во 2019 година, а за периодот од јануари месец до март 2020 година или првиот квартал од оваа 2020 година е за цели 3,7 отсто пониско од истиот период во 2019 година.

„Преработувачката индустрија, која што е најголем дел од индустриското производство, некаде околу 75 отсто, во март година бележи пад од цели 14,3 отсто споредено со истиот месец во 2019 година. Периодот од јануари до март месец во 2020 година кај преработувачката индустрија е забележан пад од два отсто споредено со истиот период од минатата година. Можеме да замислиме што ќе се случува во најтешките месеци, во вториот квартал а тоа се месеците април, мај и јуни, додека повторно гледаме пресврт во ставовите на ресорниот министер и пресврт во ставовите на Зоран Заев дека повторно почнуваме да блескаме“, рече Мицкоски.

За истиот тој период, според Мицкоски, вториот индикатор вели дека бројот на работниците во индустријата во март е за 4,5 отсто помал од бројот на работниците во март во 2019 година, а бројот на работниците во периодот јануари и март во 2020 година во првиот квартал е за цели 3,6 отсто помал од бројот на работниците во индустријата за истиот период во 2019 година.

„Извозот во март 2020 година, бележи рекорден пад од 26,6 отсто споредено со истиот месец во 2019 година, а во периодот од јануари до март 2020 година извозот бележи пад од 8 отсто споредено со истиот период во 2019 година“, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата вели дека се намалени и даноците што ги собира УЈП.

„Управата за јавни приходи од јануари до април 2020 година планирала да собере околу 31 милијарда денари, а реализирани се 24,7 милијарди денари или за 20 проценти помалку од планираното. Најтешкото допрва следи, а тоа се месеците април, мај и јуни“, посочи Мицкоски.

Овие даноци кои што ги прибрала УЈП, како што рече тој, се за 10 отсто помали за истиот период од 2019 година.

Овие индикатори, според него, се суштински што треба да ја вклучат сијалицата дека нешто не чини во економијата и дека треба да се менува.

На прашањето доколку вонредната состојба заврши на 16 мај кој би бил првиот термин за одржување на изборите Мицкоски одговори дека треба да се причекаат проценките на Советот за безбедност, „да видиме каков ќе биде ставот на претседателот Пендаровски, па потоа можеме да излеземе со коментар на самата лидерска средба која ќе се случи веќе во вторник“.

Тој ги повика членовите на комисијата за заразни болести правилно да ја оценат ситуацијата, „а не желбите на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев да донесат одлука и став онаков каков што е во интересот на здравјето на граѓаните и интересот на нашата држава“.