Мицкоски: Трите даночни закони се дополнителен товар за лојалните граѓани, a не борба со сивата економија


Фото: Б. Грданоски

Власта во парламентот сака да ги провне законите за ДДВ, за солидарност и за персонален данок и со тоа да удри по џебот на лојалните граѓани. Тоа не е борба со сивата економија, изјави денеска во Прилеп Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање дали законите кои се во собраниска процедура ќе бидат товар за граѓаните.

-Тие закони кои планира Владата да ги протне во парламентот, „шверцерски“, повторно со злоупотребата на европското знаме, се, практично закони кои имаат за цел тие што и денеска се лојални граѓани и си ги исполнуваат обврските спрема државата, да ги натовари со дополнителни давачки. И законот за персонален данок, и законот за додадена вредност- ДДВ-то, но и законот за солидарност. Не претставува борба со сивата економија, не претставува броба против оние кои и денеска не се лојални и не ги плаќаат давачките спрема буџетот. Туку претставува дополнителен товар на оние кои се лојални. Тоа уште еднаш покажува каква влада имаме, за едни е мајка, за други е маќеа, рече Мицкоски.

Прашан за изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, тој изјави дека изградбата доцни затоа што од власта не можат да се договорат за провизиите.

-Триесет и три километри ги градат седум години, требаше овој јули да се пушти, еве го јули дојде, абер нема од патот, а тоа е така затоа што не можат да се договорат со провизиите, кој колку да земе, кој колку да подели овие кланови за кои што зборував на почетокот од моето интервју, рече Мицковски во Прилеп.