Мицкоски: Треба да ѝ се заблагодарите на братска Унгарија што му дава поддршка на ВМРО-ДПМНЕ


Во дебатата на МРТ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара од Зоран Заев да јавно да ѝ се заблагодари на Унгарија затоа што му дава поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски утврдувањето на нацрт-преговарачката рамка му го припиша целосно на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, а ја исклучи Европската комисија.

„Ова е преговарачка рамка која излегува од канцеларијата на комесарот на Оливер Вархеи, човекот којшто доаѓа од нашата сестринска партија Фидес. Фидес е владејачка партија во Унгарија, чијшто главен град е Будимпешта, којшто вие многу често го изговарате во негативна конотација. Добро е барем јавно да ѝ се заблагодарите на братска Унгарија затоа што дава сесрдна поддршка кон ВМРО-ДПМНЕ. Додека оваа рамка биде усвоена и биде конечна ќе претрпи измени. Допрва ќе слушнеме за забелешките на источниот сосед“, рече Мицкоски.

Зоран Заев на ова реплицираше дека преговарчката рамка ја донела целата Европска комисија, каде има комесари од сите земји членки, а не само еден комесар.

Инаку, Оливер Вархеи е близок до партијата на премиерот Виктор Орбан, но никогаш не бил, ниту сега е, член на Фидес.