Мицкоски: Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за договорите со Грција и Бугарија е непроменет


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата 360 Степени, на ТВ Алсат М, во однос на договорите што земјава ги склучи со Грција и Бугарија, рече дека ставот на партијата во однос на овие договори е јасен.

-Нашиот став поврзан и со едниот и со другиот договор е јасен и тука е непроменет. Ниту со договорот со Бугарија, ниту пак со нашиот јужен сосед. Ние ниту сме се согласувале, ниту пак можеме во иднина да се согласиме со тоа што е таму, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

Посочи, дека веќе имаат изјавено дека за да направат какви било промени, ним им се потребни определени услови кои, како што рече, ќе се трудиме да ги задоволиме и оти тука нема никаква дилема. Додава дека прв приоритет за него е приближувањето на Македoнија кон Европската Унија.

-И овие ултиматуми ќе не потсетуваат на предавството и капитулациите на Зоран Заев и СДСМ, и тука нема апсолутно никаква дилема. Никаде не пишува да ги промениме сведителствата. Кој го тераше Зоран Заев да ги промени сведетелствата кога ние се уште не сме го отвориле поглавјето за образование, кажа Мицкоски.

Мицкоски уште оцени дека Македонците се чувствуваат обесправени во општините каде не се мнозинство, истакнувајќи дека не смеат да се дозволат вакви поделби.

-Македонците во оваа држава се сепак мнозинската заедница и се чувствуваат во тој дел тотално маргинализирани и обесправени. Ако ние продолжиме така да функционираме во средините каде што генерално немнозинските етнички заедници се мнозинство и практично се обидуваат да ја обесправат мнозинската заедница во државата тоа се Македонците, тогаш кај Македонците се создава чувство на граѓани од втор ред и тоа не е во ред, рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека во текот на предизборната кампања посетил голем број градови и села, се сретнал со голем број на граѓани, и она што го почувствувал е дека народот сака обнова и суштината е дека луѓето се незадоволни од живејачката, луѓето сакаат промени.

-Луѓето ова денешно секојдневие кое што го живеат не ги прави среќни и задоволни. Тоа мене ми дава храброст, но од друга страна и ме обврзува дека после 15 јули, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи ќе добие масовна поддршка од граѓаните, но и голем е влогот бидејќи по тоа граѓаните очекуваат веднаш, би рекол во првите 100 дена да се направи сериозен исчекор од ова политичко мочуриште кое што сите ние тињеме заедно со граѓаните, истакна Мицкоски во емисијата 360 Степени, на ТВ Алсат М.