Мицкоски со нови одлуки го ѕида бедемот околу себе


Христијан Мицкоски поставува лојалисти на клучните функции во партијата

Со неколку одлуки на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата Христијан Мицкоски го ѕида бедемот против нападите на оние кои бараат негова смена поради поразот на параламнатрните и претседателските избори. Една од тие одлуки на вчера одржаната седница на Извршниот комитет е изборот на 27 претседатели на општински комитети во изборните единици 1, 2 и 3. Со поставувањето на кадри кои се лојални на сегашното раководство треба да се избегнат сите можни поголеми бранови на незадоволство и да се менаџира на општинско ниво евентуалниот бунт.

Извршниот комитет го избрал Сергеј Попов, апсолвент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ за нов претседател на Унијата на млади сили на партијата. За другата важна рака на партијата – Унијата на жени, се распишува јавен конкурс. Досега претседател на Унијата беше пратеничката Благица Ласовска. Во соопштението од партијата на идолатриски начин се најавува овој чекор: „ВМРО-ДПМНЕ продолжува со процесот на кадровско освежување и катарза најавено од страна на претседателот проф. д-р Христијан Мицкоски“. Во изградбата на тој бедем улога треба да одигра и Луке Галески, кој е поставен за раководител на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Мекиот на збор а не радикален во изразувањата во Собранието, Никола Мицевски, останува координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а Извршниот комитет на партијата за негови заменици ги именува Дафина Стојаноска (еден од најдоследните борци за Мицкоски) и новата пратеничка Ели Панова. (Н.В.)