Мицкоски со мерки за здравството: Национална мрежа од четири клинички центри и 20 отсто повисоки плати


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес на прес конференција презентираше дел од мерките кои партијата го предвидува за обнова на македонското здравство, меѓу кои клучната е изградба на капитален проект за воспоставување на национална мрежа на четири нови клинички центри. Таквиот систем ќе го сочинуваат Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Универзитетскиот клинички центар „8 Септември“, кој, како што се планира ќе работи под административна капа на „Мајка Тереза“, како и воспоставување универзитетски клинички болници во Штип и во Тетово.

Со ваквите четири центри здравството ќе стане подостапно за граѓаните и ќе се спасат повеќе животи“, рече Мицкоски и додаде дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува и реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола со што ќе се овозможат квалитетни услуги и поголемо достоинство на луѓето со загрозено здравје.

Ќе ја реконструираме и модернизираме Универзитетска клиника за Хируршки болести ‘Св. Наум Охридски Скопје, односно Градската Болница. Така што Скопје ќе добие современа болница каква што заслужува“, рече Мицкоски. Покрај тоа, се предвидува и нов модерен ургентен траума центар, како и за 20 отсто повисоки плати во здравството, односно на лекарите, стоматолозите, средниот медицински персонал и техничкиот и административниот персонал. Тој најави дека, доколку ја формираат Владата, во првите 100 дена ќе овозможат медицинскиот персонал, лекарите, техничкиот персонал заедно со лекарите да можат покрај услугите кои што ќе ги даваат во државното здравство, да даваат услуги и во приватното здравство, но и обратно, лекарите кои работат во приватното здравство да можат да даваат услуги во државното здравство. Истовремено најави и ревидирање на позитивната листа, повеќе бесплатни лекови за ранливите групи, односно повеќе бесплатни лекарства за оние на кои тие им се најпотребни.

Тој наведе и повеќе други мерки со кои, како што рече ќе се овозможи целосна обнова на здравството со квалитетни реформи и мерки, како на пример дигитализација, односно укинување на рецептите и воведување електронски рецепти и услуги само со лична карта, потоа зајакнување на дежурните служби и итна медицинска помош, зголемување на капитацијата за матичните лекари и носење на Национална здравствена стратегија.