Мицкоски: Со Груевски немам контакт откако Заев го пушти да си оди

Од Конгресот во Валандово во декември 2017 година кога Мицкоски беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера се врати од дводневната посета на Будимпешта и Виена. Во главниот град на Унгарија имаше средба со тамошниот премиер, Виктор Орбан, додека во Австрија беше поради размена на искуства и информации поврзани со неговата професорска дејност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Веќе утре во петок, ќе присуствува на традиционалната прослава на Илинден во струшкото село Ташмаруништа, по што со семејството заминува на еднонеделен одмор во Хрватска.

Средбата со Орбан, на која што се разговарало за односот меѓу двете сестрински партии (ВМРО-ДПМНЕ и Фидес), како и за „заслугата“ на владата што и натаму висиме за датум за преговори со Брисел, сепак, беше засенета од една што воопшто не се случила. Како што тврдат од партијата, Мицкоски, кој беше придружуван од потпретседателот Александар Николоски, не се сретнал со Никола Груевски, кој речиси девет месеци е азилант во Унгарија.

Всушност, не е првпат Мицкоски да помине во и околу Будимпешта, а да тврди дека се одминал со Груевски. Во април годинава, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа дека „бентли“ на семејството Заеви го следело возилото на Мицкоски додека бил на пропатување во унгарската метропола, веројатно обидувајќи се да го „документираат“ додека се гледа со Груевски. Безуспешно.

Никола Груевски и натаму е почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата титула остана и по октомвриската сеча на партиски кадри што работеа спротивно ставот на партијата околу Преспанскиот договор и помогнаа да се изгласа новото име во парламентот. Тогаш, на пример, „шут-карта“ од партијата доби братучедот Сашо Мијалков. Груевски не се поврзуваше со такви активности и обиди за врбување на вмровските пратеници.

„Со Груевски немам контакт уште од периодот кога владата на СДСМ му овозможи да ја напушти земјава“, е кусата порака од Мицкоски за „Независен“.

По оставката на Груевски на лидерското место на ВМРО-ДПМНЕ пред речиси две години, еден куп партиски функционери, познати и непознати, се обидуваа да го наследат. Изборот на членството падна врз Христијан Мицкоски, тогашен генерален секретар на партијата што беше причина оние што не добија шанса да го етикетираат како пион на двоецот Груевски – Мијалков. На Мицкоски му требаа речиси десет месеци да се отргне од тој товар, а шансата му стигна преку ноќ: Груевски побегна од државата, а Мијалков беше уапсен. Потоа, следуваше превратот во парламентот и отказот за поранешниот шеф на разузнавачките служби. Мијалков подоцна му пишуваше неколку јавни писма на Мицкоски, обвинувајќи го дека не е доволно кадарен да ја води партијата, оти ја дели, па и испраќајки му порака оти ќе му ја земе. Гневот на едниот од братучедите веројатно излезе и како одговор на тврдењето на новото раководство на партијата дека државата е предводена од криминалната коалиција: Мијалков – Вице и Зоран Заев.

За сиот период, покрај индиректните признанија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ имала свои грешки, поради што и била казнета од граѓаните, новото раководство внимава во описите за Груевски, и од причина што тој и натаму се доживува како икона меѓу дел од членството. Кога се во прашање криминалните дејствија со кои се поврзува довчерашниот премиер, од партијата посочуваат оти досега не виделе докази за тоа и покрај фактот што обвинителствово и судството се во рацете на власта.

„Единствената пресуда против него е за автомобил што бил набавен за потребите на Министерството за внатрешни работи и кој сѐ уште е во рацете на МВР“, нагласуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициските пратеници во Собранието не добија шанса да гласаат за или против одземањето на пратеничката функција на Груевски откако повеќе од шест месеци неоправдано отсуствува од работата во Собранието. Имено, Извршниот комитет на партијата донесе одлука да се гласа „за“, но процесот не стигна до гласање, бидејќи Груевски испрати оставка.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски