Мицкоски со Гренел: Се бориме за секој интерес на Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски денес во Вашингтон имал средба со Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, а сега во новата администрација нов претседателски пратеник за специјални мисии и политика.
„Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратешките интереси врзани со членството во Европската унија.
Воедно побарав поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план. Се бориме за секој интерес на Македонија“, порача Мицкоски преку социјалните мрежи.
Во исто време пост објави и Арбен Таравари, уште еден член на македонската делегација која наводно е поканета на инагурацијата на Доналд Трамп и за кој нема логично објаснување зошто е таму бидејќи води ресор за здравство.
„Најголемите светски лидери се собрани овде“, напиша Таравари, иако такви има само неколку во Вашингтон.
Со порака дека се бори за Македонија се јави уште една членка на делегацијата, државната секретарка во Министерството за евроинтеграција Викторија Трајков. На постот е со Крис Павловски, кој има македонско потекло и е етаблиран во САД како сопственик на социјалната мрежа „Рамбл“.