Мицкоски: Штетата од пропадната и новата еврообврзница е 18 милиони евра


Штетата од пропаднатата и новата еврообврзница е околу 18 милиони ерва, а со тие пари можеа да се изградат најмалку 10 најсовремени училишта, градинки или спортски сали или  пак да им се дадат на производителите на леб за да не се зголемува цената за граѓаните, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

 
По промената на власта, дополни Мицкоски, „ќе се констатира одговорноста и виновникот за оваа работа“, согласно со Кривичниот законик.
 
-Поради пропадната еврообрзница новата се издаде со повисока камата и за власта да манипулира со бројките од каматата, од 600 милиони евра ја намалија на 500, а од друга страна се задолжија и кај македонските банки, пари што претежно се наменети за стопанството, изјави Мицкоски, при денешната посета на општините Ново Село и Босилово, во рамки на активноста „Промените на дело“. 
 
Како што наведе, првата еврообврзница што пропадна поради потписот на сменетиот министер за правда Никола Тупанчевски беше со каматна стапка од 6,5 проценти, а втората од 7,25 проценти. 
 
– Првата беше 600 милиони, втората, за да манипулираат со бројките во каматата, ја намалија на 500 милиони, затоа што во меѓувреме ги притиснаа домашните банки, па издадоа обврзници на домашен пазар. И наместо, банките парите да ги пласираат во стопанството, во фирмите за да може во овие тешки времиња фирмите некако да ја поминат годината, парите за до тие 600 милиони отидоа во државата, изјави Мицкоски.