Мицкоски шири паника
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, треба да се соочи со законот, бидејќи јавно изрече ужасна лага дека тестови за откривање на корона вирусот има само уште за еден ден и со тоа можеше да предизвика паника кај населението
Ерол Ризаов
Изјавата на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, дека само за уште еден ден има тестови за откривање на корона вирусот е ужасна лага која можеше да предизвика големо вознемирување во јавноста ако тоа го кажеше кое било одговорно лице. Голема среќа е што на овој неодговорен политичар, кој упорно изигрува спасител и чудотворец, веќе ретко кој му верува по неговите лупинзи, па веста помина само со деманти на Министерството за здравство и без големо вознемирување.
Не знам дали податокот дека има 4.500 тестови на располагање и дека неделно се набавуваат по 2.000 теста барем малку го засрами Мицкоски, но неговите медиуми итно го повлекоа тој дел од изјавата најверојатно по наредба, или пак можеби и тие сфатија за каква катастрофална грешка станува збор.
Во вонредна ситуација кога се води војна за спасување на животите на граѓаните, да се изрече јавно од кого било ваква дезинформација која може да предизвика паника кај населението, треба веднаш да се соочи со законот и по итна постапка да седна на обвинителна клупа. А тоа, пак, да го направи претседател на најголемата политичка партија, како што љуби да се претстави Мицкоски, треба веднаш да се стави сам во карантин додека не заврши кризата со извинување до неговиот народ за кој четири пати во интервјуто на Канал 5 кажа дека е многу загрижен, а пет пати дека ќе победи на изборите.
Да ја кажеше Мицкоски оваа лага околу тестовите во Унгарија, каде неговиот пријател Виктор Орбан од понеделникот го суспендира парламентот и владее со декрети, денеска ќе беше осуден на пет години затвор, затоа што владата сега има огромна моќ да ги гони оние што шират невистинити информации.
Манипулации со СЗО
Човекот очајно води донкихотовска предизборна кампања, иако избори нема на повидок. Неговите јавни настапи се популистички митингашки говори иако е вонредна состојба во земјата поради пандемија. Мицкоски час е епидемиолог и вирусолог од светски глас, час е волшебен спасител од економската криза. Се обидува да ги објаснува стручно разликите меѓу разни тестови за брзо откривање на корона вирусот, а абер нема од таа проблематика. Ги толкува соопштенијата на Светската здравствена организација со манипулации.
За Мицкоски нема никаква важност објавената информација на Светската здравствена организација искажана за МИА од шефицата на канцаларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах која децидно кажа: „…брзите тестови кои се прават во некои приватни болници и лаборатории – моментално не се препорачани од СЗО за детекција на Ковид-19 и не се вклучени во спецификациите за тестови, кои се одобрени од СЗО“.
Во врска со тоа дали лабораторијата при Институтот за јавно јавно здравје е соодветно опремена за откривање на Ковид-19, Тавилах вели дека таа е единствената во моментов, која е веродостојна. Не само заради тестирањето, туку и затоа што директорот на лабораторијата е компетентна личност и е консултант на СЗО за седум земји во регионот. Исто така тесно соработува со Центарот за контрола на болести во Атланта. Оваа информација веќе беше објавена пред Мицкоски да манипулира со препораките на Светската здравствена организација. Но, очигледно вистината нема никакво значење кога веќе длабоко навлегол во предизборна кампања да собира поени од несреќата не само на „неговиот“ народ, туку на народите на планетата Земја, па ја злоупотребува и Светската здравствена организација.
Лаги и за пензискиот фонд на Естонија
Мицкоски, заедно со неговиот рецепт за борба против вирусот, во истиот манир за заштита на својот народ и својата партија и своите луѓе ја повтори по стоти пат својата економска експертиза, која при секој јавен настап ја надоградува по часот со неговите економски советници, кои никако да се одважат и сами да го образложат пред јавноста спасоносниот лек како да се спаси македонската економија од криза.
Покрај заемот од една, две, па и три милијарди евра Мицкоски ја презентира идејата на Трајко Славески, поранешен разрешен министер за финансии на Никола Груевски, како да се национализираат парите од Вториот пензиски столб, нарекувајќи го тоа позајмица, а парите да се вратат откако ќе се „продаде тутунот“.
Оваа идеја, исто така се потпира на две големи и неколку помали лаги. Прво, која е гаранцијата дека парите ќе се вратат; и второ, дека во Естонија тоа дава големи резултати; па малку беше Естонија сега лагата се прошири на повеќе балтички земји.
Мицкоски својата лошо научена лекција за враќање на позајмицата до денар ја потпира на претпоставка дека кризата ќе заврши во јуни, веројатно тргнувајќи од најавата дека вирусот својот врв ќе го достигне на крајот на април. Но не пресметал добро дали државата ќе биде во можност да обезбеди пари за враќање на долгот, односно да ги врати парите на граѓаните кои уплаќаат во пензискиот фонд. Каква ли трагедија може да се случи ако останат илјадници луѓе без пензии и приватните пензиски фондови банкротираат поради идеите на шарлатани. И за ова Мицкоски не го прочитал предупредувањето дека светот е влезен во рецесија многу поопасна од глобална екомска криза, што го соопшти вчера Кристалина Георгиева, шефицата на ММФ, светскиот финансиски џандар. Над 90 земји погодени од вирусот очајно бараат финансиски средства.
Кој за што, Мицкоски за избори
Здравиот разум налага тие што предлагаат вакви мерки да се прашаат што ако државата не успее да најде пари да ги врати во пензискиот фонд. И втората лага со Естонија и со балтичките земји е веќе разјаснета изворно од пренесените вести што се случува таму со таа доктрина многу поинаква од нашата национализација.
Во Естонија воопшто не се работи за конфискација на парите на граѓаните, туку дали тие можат да ги повлечат кога сакаат своите пари и да ги префрлат во кој фонд сакаат. За тоа се водат тешки дебати и предметот е во Врховниот суд. Со ова што се случува кај нас нема никаква, ама баш никава врска. „Независен“ веќе објави опширна информација за полемиките што се водат во Естонија. Сите тие аргументи не го спречуваат Мицкоски и неговиот тим да ја водат предизборната кампања на валкан и нa опасен начин за време на големата несреќа што ја снајде Македонија и сиот свет. Кој за што, Мицкоски за избори.
Човекот ветува спас од вирусот, ветува спас на економијата, ветува победа на изборите. Нека ветува, му се може, бидејќи умислил дека тој не е одговорен за состојбите во земјата, туку тој сакал како опозиција само да му помогне на својот народ. Заборава дека е многу одговорен во време на вонредна состојба кога шири лаги и паника, а членови на ВМРО ДПМНЕ се на одговорни позиции во владата.
Партиска парада со помошта од Словенија
И конечно, од помошта од Словенија Мицкоски во главна улога направи траорна парада. Демек јас му се јавив на премиерот Јанез Јанша и нашата сестринска партија, или Словенија не разбрав добро, ни прати маски и ракавици во износ од сто и десет илјади евра како прва помош од една земја членка на ЕУ. Убаво што Словенија, некогаш нашата братска република, пратила помош и за тоа треба да се искаже голема благодарност, но дека е тоа прва помош од членка на ЕУ пак е перфидна лага. Чии се другите милиони што доаѓаат од Брисел ако не од земјите членки на ЕУ.
Од овој добар гест на Словенија да се прави партиска пропаганда е срамно и жално. Дали секоја помош што доаѓа од каде било треба да се партизира и да се припишуваат лични заслуги. Тоа не е хуманост, тоа e гола пропаганда.