Мицкоски: Потребни се итни избори, контактирам со Ахмети


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште еднаш повтори дека опозицијата е под политички терор од страна на власта. Во интервју за „Алсат“, тој спомена неколку случаи во кои високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле „жртва на политичкиот прогон“, но партијата е спремна овој притисок да го издржи. Мицкоски напомена и неколку корупциски и криминални скандали во кои се вмешани високи функционери на власта, па ги потсети дека и за нив ќе важи членот 353 став 5 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотребата на службена должност.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ, како структура подготвени сме на овој политички прогон, политички терор. Но ќе ги потсетам дека ’тоа што си го дробеле, тоа ќе го сркаат’. Членот 353 став 5 ќе важи и за нив“, вели Мицкоски.

Тој го советува премиерот Зоран Заев да размисли што прави, бидејќи иднината на земјата била доведена во прашање. Мицкоски уште некое време ќе апелира на разум во надеж дека власта ќе се охрабри за предвремени избори. Тој нагласи дека не ја исклучува можноста за протести од страна на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека тој поддржува секогаш мирни протести каде што граѓаните на мирен и достоинствен начин ќе морат да го искажат револтот за катастрофалните политики на владата на Заев и неговите соработници.

Навраќајќи се на гафот на Заев со руските комичари, лидерот на опозицијата рече дека е разочаран што премиерот толку лесно наседнал на комичарите и издавал важни информации кои што високи претставници на Европа ги споделиле во доверба со него.

Мицкоски посочи дека е во редовен контакт со водечките луѓе на албанските партии, па и со Али Ахмети.