Мицкоски сега ќе протестира за Гоце Делчев

Откако протестите за струјата доживеаја дебакл, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најавува нов мотив да излезе на улиците со членството – Гоце Делчев.

„Владата преговара за Делчев, а очите на јавноста се далеку од тоа што за нашата земја е суштински важно. Нашите историчари заслужуваат поддршка, затоа што Гоце е столбот на македонизмот“, пишува  Мицкоски на својот Фејсбук-профил.

Маршот закажан за вторник ќе почне од Министерството за правда, па ќе продолжи по мостот “Гоце Делчев”, за да заврши пред Министерството за надворешни работи.

„Ова е протест на народот, целта е за ЕУ, за Македонија, за Делчев. Гоце е црвената линија за нашето достоинство. Се гледаме!“,порача Мицкоски.

Ова е ќе биде трет протест на ВМРО-ДПМНЕ.Минатата недела партијата протестираше пред Регулаторната комисија за енергетика со барање да се врати старата цена на струјата.

Прашањето за договорот со Бугарија се актуализираше, откако бугарскиот министер за одбрана Красимир Карачанов порача дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ ако не се постигне согласност во разговорите во рамки на Мешовитата експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања.